Даути: Политичката стабилност е клучнa за зголемување на ивестициите низ ТИР-зоните


Тетово, 17 октомври, 2018 - 13:06 (META) 

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Бардиљ Даути, денеска оствари средба со дел од раководството на Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Тетово. Целта на посетата беше запознавање со работата и состојбата во зоната.

Даути потенцираше дека политичката стабилност е клучен показател за зголемување на инвестиции низ ТИР-зоните во Македонија.

-Како Влада, интензивно работиме за надминување на лошата политичка атмосфера што постои во моментот околу решавањето на проблемот со името. Колку побрзо се надмине оваа состојба, толку попозитивно ќе има влијание за нови инвестиции не само за ТИРЗ Тетово, туку и воопшто во Македонија – истакна Даути.

Директорот на ТИРЗ Тетово пак, Арбен Халили информираше дека компанијата „Лас плекс“ е нова инвестиција во зоната која ќе работи со изработка на стакло. Халили рече дека на средбата со Даути го информирал за досегашната работа на ТИР-зоната и отвореноста кон странски и домашни инвестиции. На средбата заклучиле дека потребна е рамномерна распределба на инвеститорите низ зоните во Македонија, за сите региони да имаат можност за развој и вработувања.


Глобалното затоплување тема на регионалната конференција на метеоролозите во Охрид


Охрид, 9 октомври, 2018 - 16:14 (META) 

Охрид беше домаќин на средбата на директорите на хидрометеоролошките служби од Југоисточна Европа, кои што на конференција дискутираа за штетите кои ги нанесува глобалното затоплување.

„Во овој момент, службите од регионов се соочуваат како и сите останати од целиот свет, со глобалното затоплување, чија што главна карактеристика се зачестените екстремни вредности и појави, како високи температури, суши, поплави, градоносни облаци, укрупнување на зрната на градот“, објасни директорот на Управата за Хидрометеоролошки работи на Македонија, Ивица Тодоровски.

Долгогодишните анализи на метео-податоците укажуваат дека во последните 25 години регионов се соочува со 15 последователни најтопли години. Според метеоролозите, потребна е помош на побогатите земји за да може земјите од Југоисточна Европа соодветно да одговорат на предизвиците кои ги носат климатските промени.

„Високите температури, посебно на лето, предизвикуваат суши во целиот регион каде што земјоделството е многу важно и се нанесуваат огромни штети. Властите и општеството ќе мора под итно да работат на стратегија на прилагодување на таквите услови и низа активности и мерки на целото наше подрачје“, потенцираште Бранка Иванчан Пицек, директорка на државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска.

Директорот на Федералниот хидрометеоролошки завод на Босна и Херцеговина, Алмир Биједиќ вели дека државите во регионот, со средствата со кои што располагаат, многу тешко можат да се подготват за климатските промени.

„Она што во овој момент можеме да го очекуваме е побогатите земји да вложуваат кај нас преку проекти низ едукација, како би можеле во иднина да бидеме поподготвени за климатските промени“, додаде Биједиќ.


Извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани изнесувал 2 милијарди евра


Скопје, 3 јануари, 2018 - 11:41 (META) 

Вредноста на извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани надмина 2 милијарди евра, што претставува пораст од 29,2 проценти во однос на остварениот извоз во 2016 година, информираат од Дирекцијата за ТИРЗ.

ТИР-зоните за прв пат нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори.

„По објавувањето на Планот за економски пораст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал. Одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Македонија во 2018 година“, се вели во соопштението.

Македонската компанија „Хај-тек“ и германската компанија „Герман електро-системс“, според најавите, се очекува да започнат со работа на почетокот на годината, додека италијанската компанија„МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.

Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат тиџарет“ која ќе произведува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори.


Арсовска: Бизнис-мерките што ги испорачавме се приоритетни, ги баравме и претходно


Скопје, 28 јули, 2017 - 10:20 (META) 

Владиниот економски тим предводен од премиерот Зоран Заев изминатиот период оствари средби со претставниците на стопанските комори во државата, за да се запознае со барањата на бизнисмените и да се увиди потребата од носење итни мерки за подобро функционирање на бизнисот.

Вчера тие одржаа средба со Стопанска комора на Северозападна Македонија, а претходно имаа деловен појадок со Сојузот на стопански комори (ССК), на кој до Владата беа испорачани 75 мерки. Претседателката на ССК, Данела Арсовска, подателно ги објасни барањата на бизнис-заедницата и пречките со кои досега се соочувале.

На неoдамнешниот појадок со владините претставници, Сојузот на стопански комори испорача 75 мерки. Дали тие мерки сте ги барале и порано, но не бил слушнат гласот на бизнис-заедницата?

–  Економските мерки во најголем дел се во насока на хармонизација со препораките на ЕУ, спроведување на структурните реформи за подобрување на инвестициската клима во специфичните сектори, регионална економска интеграција и на приближување кон единствениот пазар на ЕУ. Треба да напоменеме дека за дел од мерките, можеби и најважните, сме апелирале и претходно. Тие се: поголемо вклучувањето на деловната заедница со свои предлози и мислења во измените и во носењето на законските решенија, воспоставување систем на работа на инспекциските служби за да се знае која документација е потребно да ја поседуваат компаниите, за да се овозможи простор за саморегулација и за да се превенираат репресивни мерки и казнувања. Најважно е регулирање на сивата економија, која не придонесува во буџетот, а во исто време е нелојална конкуренција на легално регистрираните субјекти. За важноста од имплементација на овие мерки зборувавме интензивно последните речиси пет години. Во услови на политичка криза изминатите три години, во која бизнисот многу тешко опстојуваше, особено последните шест месеци, немаше можност за воспоставување на јавно-приватен дијалог на стабилно тло.

Какви се очекувањата на бизнисмените од новата влада и дали реализацијата на мерките е со одредени рокови?

– Сакам да напоменам дека овие 75 мерки се приоритетни, но како резултат на отвореноста за соработка со Владата компаниите сè уште испраќаат свои предлози кои се доставени како дополнителни мерки од ССК, a кои произлегоа како заклучоци од заедничкиот состанок и тие се вредни за разгледување и за понатамошна можна имплементација. Роковите, во зависност од комплицираноста на материјата која е потребно да се регулира, се различни за секоја мерка. Но, тоа што е поважно е позитивниот пристап и расположеноста за нивно прифаќање и за имплементација.

Со кои предизвици се соочува бизнис-заедницата во моментов и дали политичката клима е во насока на развој на економијата?

– За справување со предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, потребен е континуитет, долгорочни планови и стратегии, преку комуникација и отвореност на институциите во насока на заедничко креирање на идни политики за развој. Повеќе од 23.000 компании, кои се успешни во својата дејност, организирани во Сојузот со конструктивни предлози, придонесуваат за подобрување на деловната клима во земјата. Мерките кои премиерот Зоран Заев ги најави пред стопанствениците за унапредување на приватниот сектор даваат мотив да веруваме дека политиката е во насока на развој на економијата.


Министрите од ЈИЕ се обврзаа на соработка околу климата и околината


Подгорица, 1 април, 2016 - 15:40 (META) 

Министрите за екологија од земјите на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се обврзаа на заедничка соработка околу климатските промени и еколошките предизвици, како на билатерално, така и на регионално ниво.

Оваа обврска се наведува во Декларацијата за соработка наречена „Иницијатива Подгорица“, која произлезе по денешниот прв панел на оваа тема што се одржа во главниот град на Црна Гора, во организација на црногорското Министерство за одржлив развој и Регионалниот совет за соработка – РСС, интервладино тело на земјите од ЈИЕ.

Министрите се задржаа околу досегашните активности и очекуваните бенефити од нив, поаѓајќи од девизата дека најдобра економија е „зелената економија“, односно одговорно однесување кон природата и сериозен пристап кон климатските промени и последиците од нив. Во декларацијата го поддржаа регионалниот пристап кон прашањата за околината и климатските промени и побараа од новиот претседавач – Србија, овие прашања да ги адресира на јунскиот самит на Западен Балкан во Париз.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, зборувајќи на конференцијата, потсети дека ЈИЕ е ранлива на климатските промени и дека водата, енергијата, храната и критичната инфраструктура се загрозени од зголемениот интензитет на екстремни промени, какви што беа катастрофалните поплави во БиХ, Србија и Хрватска во 2014 година. Тој потсети дека еден од најважните глобални настани минатата година беше Париската конференција за клима и дека регионот мора да биде сигурен дека се спроведуваат насоките од тој собир.

Во целиот регионален процес за заштита на природата и превенција од климатските промени, како партнери се вклучени и повеќе владни и невладини агенции, меѓу кои и Агенцијата за човекова околина од Австрија, Германската агенција за меѓународна соработка и Меѓународната унија за зачувување на природата


Бан Ки-мун ги повика светските лидери да го потпишат договорот за климата на 22 април


Њујорк, 18 февруари, 2016 - 10:01 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Бан Ки-мун, ги повика светските лидери да го потпишат договорот за климатски промени, постигнат во Париз во декември, на церемонија во седиштето на ОН на 22 април.

Ки-мун изјави дека таа церемонија ќе биде клучен чекор кон ратификација на договорот.

Договорот за климата, за да стапи на сила, треба да го ратификуваат 55 земји кои сочинуваат најмалку 55 отсто од светската емисија на гасови со ефект на стаклена градина.

Тој нагласи дека присуството на сите лидери ќе го задржи вниманието на светот на прашањата повзрани со климатските промени.

Во Париз беше постигнат договор кој предвидува зголемувањето на температурата во светот до крајот на векот да не надмине два Целзиусови степени, со можност за ограничување на порастот и на еден и пол степен.


Обама: Договорот за климатските промени е пресвртница за светот


Вашингтон, 13 декември, 2015 - 13:21 (META) 

Американскиот претседател Барак Обама го поздрави историскиот договор за климатските промени, постигнат во Париз. Според него, тој би можел да биде пресвртница за светот.

– Парискиот договор воспоставува трајна рамка, која на светот му е потребна за да се реши кризата со климатските промени. Тој создава механизам, архитектура која овозможува континуирано да се занимаваме со овој проблем на ефикасен начин – изјави Обама во Белата куќа, а пренесуваат агенциите.

Претставниците на 195 земји учеснички на Меѓународната конференција за климата, која вчера се одржа во Париз, усвоија историски договор за ограничување на глобалното затоплување.

Овој договор буди надеж дека човештвото може да избегне катастрофални климатски промени и да се спроведе енергетска револуција.


Историски договор за климатски промени на конференцијата во Париз


Париз, 12 декември, 2015 - 20:46 (META) 

Претставници од 195 земји го усвоија договорот за климатски промени на конференцијата во Париз, кој предвидува до крајот на векот да биде ограничен порастот на просечните температури под два Целзиусови степени, во однос на прединдустрискиот период.

– Договорот за климата е усвоен. Тоа е мал чекор кој може да направи големи работи – изјави домаќинот на собирот, шефот на француската дипломатија, Лоран Фабијус.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, го поздрави усвојувањето на договорот.

– Денеска се пишува историја. Парискиот договор е монументална победа за луѓето и за нашата планета – изјави Бан Ки-мун.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека по усвојувањето на договорот, светот се обединил во борбата против глобалното затоплување и добил последна шанса за создавање поздрава планета.

– Денеска светот се обедини во борбата против климатските промени. Денеска светот доби последна шанса за на идните генерации да им остави постабилна, поздрава планета, поправедно општество и попросперитетна економија – изјави тој.

Американскиот претседател Барак Обама на својот твитер-профил напиша дека до усвојување на договорот дошло благодарение на американското водство.

– Речиси секоја држава во светот го потпиша договорот за климатски промени благодарение на американското водство – напиша Обама.


Најтопла година 2014, на Гренланд температурата повисока за 62 Целзиусови степени


Вашингтон, 27 јули, 2015 - 10:38 (META) 

2014 година е најтопла во последните 135 години, покажа годишниот извештај за состојбата на климата, а температурата дополнително ќе се зголемува.

Климатските промени влијаеле и врз температурата на најголемиот остров на светот, Гренланд. Ако пред осум години, во овој период од година, температурата изнесувала минус 35 Целзиусови степени , во летото 2014 година температурата била плус 27 Целзиусови степени, што е 62 степени потопло од пред осум години.


Жедната Пелагонија ја освежи политичката клима во Битола


Битола, 26 јули, 2015 - 15:53 (META) 

Жедни или сити со вода, пелагониските ниви ова лето, по сè изгледа, се единствената тема која ја освежи политичката клима во Битола. Но, во исто време, и првата јадица на која политичките партии се обидуваат да ги ловат гласовите на земјоделците пред новите парламентарни избори.

По долгото затишје и конфронтаците за „бомбите“ на Заев, наводнувањето на пелагонските ниви од хидросистемот Стрежево ја вратија во живот политичката сцена во градот. Она што е интересно е што  во зависност од политичката провиниенција на земјоделците, едни тврдат дека нема вода за наводнување од системот на ЈП „Стрежево“ и родот им изгорел  по нивите,  други пак, тврдат дека вода има и бараат да не се меша наводнувањето со политиката.

Локалниот лидер на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски, вели дека се постојано на терен со земјоделците, така што проблемот произлегува од ненавремената санација на свлечиште на главниот канал на системот „Стрежево“, уште од февруари годинава, за време на поплавите.

– На овие пеколни горештини, нивите се без вода, пука земјата каде се оставени трудот и потта на земјоделците. ЈП „Стрежево“ и Владата на РМ како негов основач треба сега да им објаснат на граѓаните, зошто не реагираа половина година досега – праша Ковачевски.

Според тежината на темата и политичкиот противник, возврати новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Борче Димитровски, кој се пожали дека е крајно непријатно изненаден од прес-конференцијата на СДСМ која со проблемот се обидува да собере дневно-политички поени.

– Како и секогаш, за СДСМ не постои граница при злоупотребата на крајно неполитички теми во партиски и манипулативни цели. СДСМ обвинува за настанати штети од временска непогода. Прашањето е кого го обвинуваат, временската непогода? – праша Димитровски.

На почетокот на сезоната за наводнување, директорот на ЈП „Стрежево“, Марјан Ѓероски, тврдеше дека оваа година ќе нема проблемот со наводнувањето бидејќи во акумулацијата има повеќе од 104 милиони кубни метри вода, што според него ќе значи „комоција во сезоната на наводнување“.

Сега и Ѓероски бара политиката да стои настрана од проблемот со наводнувањето на пелагониските ниви, бидејќи, како што тврди, се преземаат максимални активности да се справат со свлечиштето и со ситуацијата.
– Санирањето е подолг процес кој ќе трае оваа и наредната година – вели директорот на ЈП „Стрежево“.

А.Б.