Последната декада најтопла во историјата на земјава, климатските промени ќе носат попеколни лета

Фото: Архива на Мета.мк

Врели лета и повисоки просечни температури, благи зими без снег, намалување на врнежите и долги сушни периоди се новите климатски услови во Македонија, кои ги живееме во последната декада. Истражувањата на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека последната декада од 2011 до 2020 година, е најтопла од почетокот на метеоролошките мерења во земјава, а прогнозите велат дека зголемување на температурите, суши и екстремни настани не очекуваат и во следните години.

Климата се менува како под влијание на природните услови, но уште повеќе под влијание на човековите активности. Промените во последните триесетина години се видливи во глобални размери, а јасно можат да се забележат зголемувањето на температурата на воздухот, промената на режимот на врнежи, како и зголемената фрекфенција на екстремните временски настани и на периодите со екстремни климатски услови.

„Во оваа декада, девет години од 2012 до 2020 година се во рангот на највисоките вредности на годишната температура на воздухот за изминатиот 70-годишен период, а за метеоролошките станици Гевгелија, Демир Капија, Струмица, Штип и Лазарополе, 2019 е најтопла година досега“, вели Нина Алексовска, раководител на Секторот за метеорологија во УХМР.

Според најновите истражувања, се очекува зголемувањето на температурата да продолжи и во иднина. Амплитудата на зголемувањето, до крајот на овој век, пред сè зависи од сценаријата за идните емисии на стакленички гасови, јасно укажувајќи дека идната климатска состојба во земјата ќе биде одредена од успехот на меѓународното спроведување на различни политики поврзани со намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

За средината на векот, очекуваното зголемување на годишната температура изнесува од 1 до 2,5 степени, додека пак до крајот на векот зголемувањето ќе изнесува од 1,5 степени до 5 Целзиусови степени, зависно од емисијата на стакленички гасови.

„За разлика од температурата, која ќе расте, се очекува намалување на годишните врнежи, главно како резултат на значителното намалување на летните врнежи. Намалувањето на годишните врнежи до крајот на векот е за 20 отсто односно 30 отсто во зависност од идната емисија на стакленички гасови“, вели Алексовска.

Според податоците на УХМР, кои се дел од последниот Извештај на Министерството за животна средина и просторно планирање за индикаторите за животна средина, најтопла година со средногодишна температура од 14,6 Целзиусови степени била 2019, со најголемото отстапување од просечната средногодишна температура од просекот на периодот 1981-1990 година за цели 2 степени. Најладна година со средногодишна температура од 12,2 степени била 2005 година, која е за 0,4 степени помала од просечната вредност за истиот период.

И минатата 2020 година, и покрај забавувањето на светската економија, особено транспортот и голем дел од индустриското производство, заради пандемијата на Ковид 19, сепак се вбројува меѓу најтоплите во историјата на земјата.

Во Скопје, според податоците од Извештајот, средногодишната температура на воздухот лани, во однос на просечната вредност за посочениот период од 1981 до 1990 година, има зголемување за 1,2 Целзиусови степени. Во Битола, за периодот од 1961 до 1990 година, зголемувањето е за 1,5 степени, во Гевгелија за 1,9, а во Лазарополе за 0,9 Целзиусови степени.

Во иднина, според прогнозите на УХМР, Македонија ќе се соочи со потопла и посушна клима, со зголемување на топлите и намалување на ладните екстремни настани.

„Се очекува зголемување на зачестеноста и времетраењето на топлотните бранови на целата територија на државата, додека ладните бранови ќе бидат ретка појава со можност за исчезнување. Потоплата клима воедно ќе услови и зголемување на должината на вегетацискиот период. Намалувањето на летните врнежи ќе влијае на траењето на последователни сушни денови со што ќе се зголеми ризикот од суша. Од друга страна, се очекува потенцијално зголемување на дневните екстремни врнежи што ќе предизвикаат поголем ризик од буични поплави“, вели Алексовска.

Според Годишниот извештај за климата што го објави Светската метеоролошка организација последните седум години – од 2015 до 2021 година, најверојатно се најтоплите досега. Во првите девет месеци од 2021 година, просечната температура се зголемила за околу 1,09 степени во споредба со прединдустрискиот период. За разлика од кај нас, каде 2019 година имаше рекорни температури, на светско ниво најжешка била 2016 година.

Порастот на просечната температура во последните 20 години (2002-2021) првпат го надминува симболичниот праг од плус 1 Целзиусов степен од средината на 19 век, кога луѓето почнаа да користат фосилни горива на индустриско ниво. Целта на човештвото утврдена и со последната Конференција за климатски промени, што неодамна се одржа во Глазгов, е до 2030 година да не се надмине границата на загревањето од 1,5 степени.