Бејли од Охрид: Глобални се предизвиците со климатските промени

Предизвиците со климатските промени се глобални, но чекорите што ги преземаат локалните заедници се токму тие што ги прават решенијата. Ова во Охрид го нагласи американскиот амбасадор во Република Македонија, Џес Бејли, на втората Меѓународна конференција за климатски промени, организирана во рамките на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Здружението за одржлив развој „Милеуконтакт Македонија“.

– Низ целиот свет, САД градат отпорност против климатските промени и го ублажуваат нивното влијание. Во Македонија се занимаваме со тоа преку повеќе проекти. Сакаме да биде полесно да се вложува во обновлива енергија, да им помагаме на фирмите подобро да раководат со потрошувачката енергија и да ја намалат емисијата на јаглеродни гасови. Им помагаме на фармерите и на земјоделските здруженија подобро да ги разберат влијанијата на климатските промени и како да ги штитат своите инвестиции – напомена амбасадорот Бејли.

Бејли нагласи дека САД на свое тло презедоа историски чекори за да ги намалат емисиите на штетни гасови.
– Во март најавивме намалување на емисиите од 26 до 28 отсто, до ниво пред 2005 година. Имаме тројно повеќе струја од ветер и повеќе од 20 пати повеќе соларна енергија. Имаме сериозни стандарди за економичност и за 20 години ќе се удвои економичноста на автомобилите. Имаме строги стандарди за штедење енергија кај апаратите во домаќинството – додаде амбасадорот на САД во Македонија.

Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Нурхан Изаири, рече дека нашата земја како дел од меѓународната заедница презема напори за успешен климатски договор во Париз на крајот од годинава.

– Во соработка со програмата за развој на ОН, веќе 15 години во континуитет работиме на неопходните стратегиски документи за климатски промени кои ни овозможуваат успешно реализирање на активности, како одговор на државата на обврските што произлегуваат токму од членството на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и во протоколот од Кјото. Она што е особено важно е што прашањето за климатските промени не само што се вградува во релевантните стратегиски, плански и програмски документи на национално ниво, туку се вградува и во другите секторски политики и акции – напомена Изаири.

На конференцијата за климатските промени во Охрид учествуваат меѓународни активисти, експерти и практичари од областа на адаптацијата кон климатските промени, експерти за одржлив развој и граѓански организации од државата и од регионот кои работат на полето на животната средина и на одржливиот развој.