Одржана годишната средба на Националната коалиција за клима на граѓанските организации

Коалицијата за клима е најголемата неформална мрежа на повеќе од 70 граѓански организации и експерти кои работат на прилагодување и ублажување на климатските промени

Фото: Еко-свест

Носењето политики од јавен интерес во сите сектори, а посебно во секторите кои се од значење за заштита на животна средина и климата, мора да се случува во процес во кој се вклучени сите засегнати страни. Ова беше главната порака од овогодишната средба на коалицијата за клима на граѓанските организации.

На 15 и 16 декември, во Скопје се одржа годишната средба на Националната Коалиција за клима на граѓанските организации кои работат на полето на заштита на животната средина и климатските промени. Целта на средбата беше да ја сумира работата на граѓанските организации од секторите заштита на животна средина и климатските промени во изминатиот период.

„Граѓанските организации се клучен двигател на глобалните напори за постигнување јаглеродна неутралност. Додека владите, бизнисите и академијата имаат важна улога, притисокот да се променат неодржливите практики, да се оттргнат луѓето од нивните комфорни зони и да се комуницира дека има надеж во колективната акција мора да дојде од долу нагоре, а тоа е нешто кое граѓанскиот сектор го прави најдобро“, рече амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин.

Ана Чоловиќ Лешоска, извршната директорка на Еко-свест, изјави дека Коалицијата за клима јасно покажала оти е активна мрежа која постојано ги следи тековните случувања и е подготвена заедно да реагира, како коректор на власта во клучни процеси поврзани со заштитата на животната средина.

Националната коалиција за клима на оваа дводневна средба работеше на подготовка и усвојување на свои заеднички позиции и барања за тековните случувања во секторите клима и енергија, но и на Стратешкиот план за работа за 2025-2030 на коалицијата и планирање на идни активности и чекори.

Коалицијата за клима е најголемата неформална мрежа на повеќе од 70 граѓански организации и експерти кои работат на приспособување и ублажување на климатските промени.

Работата на Коалицијата за клима на ГО и годишната средба се поддржани преку проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ финансиран од владата на Шведска, спроведуван од Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП Македонија).