fbpx

Арсовска: Бизнис-мерките што ги испорачавме се приоритетни, ги баравме и претходно

-

Владиниот економски тим предводен од премиерот Зоран Заев изминатиот период оствари средби со претставниците на стопанските комори во државата, за да се запознае со барањата на бизнисмените и да се увиди потребата од носење итни мерки за подобро функционирање на бизнисот.

Вчера тие одржаа средба со Стопанска комора на Северозападна Македонија, а претходно имаа деловен појадок со Сојузот на стопански комори (ССК), на кој до Владата беа испорачани 75 мерки. Претседателката на ССК, Данела Арсовска, подателно ги објасни барањата на бизнис-заедницата и пречките со кои досега се соочувале.

На неoдамнешниот појадок со владините претставници, Сојузот на стопански комори испорача 75 мерки. Дали тие мерки сте ги барале и порано, но не бил слушнат гласот на бизнис-заедницата?

–  Економските мерки во најголем дел се во насока на хармонизација со препораките на ЕУ, спроведување на структурните реформи за подобрување на инвестициската клима во специфичните сектори, регионална економска интеграција и на приближување кон единствениот пазар на ЕУ. Треба да напоменеме дека за дел од мерките, можеби и најважните, сме апелирале и претходно. Тие се: поголемо вклучувањето на деловната заедница со свои предлози и мислења во измените и во носењето на законските решенија, воспоставување систем на работа на инспекциските служби за да се знае која документација е потребно да ја поседуваат компаниите, за да се овозможи простор за саморегулација и за да се превенираат репресивни мерки и казнувања. Најважно е регулирање на сивата економија, која не придонесува во буџетот, а во исто време е нелојална конкуренција на легално регистрираните субјекти. За важноста од имплементација на овие мерки зборувавме интензивно последните речиси пет години. Во услови на политичка криза изминатите три години, во која бизнисот многу тешко опстојуваше, особено последните шест месеци, немаше можност за воспоставување на јавно-приватен дијалог на стабилно тло.

Какви се очекувањата на бизнисмените од новата влада и дали реализацијата на мерките е со одредени рокови?

– Сакам да напоменам дека овие 75 мерки се приоритетни, но како резултат на отвореноста за соработка со Владата компаниите сè уште испраќаат свои предлози кои се доставени како дополнителни мерки од ССК, a кои произлегоа како заклучоци од заедничкиот состанок и тие се вредни за разгледување и за понатамошна можна имплементација. Роковите, во зависност од комплицираноста на материјата која е потребно да се регулира, се различни за секоја мерка. Но, тоа што е поважно е позитивниот пристап и расположеноста за нивно прифаќање и за имплементација.

Со кои предизвици се соочува бизнис-заедницата во моментов и дали политичката клима е во насока на развој на економијата?

– За справување со предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, потребен е континуитет, долгорочни планови и стратегии, преку комуникација и отвореност на институциите во насока на заедничко креирање на идни политики за развој. Повеќе од 23.000 компании, кои се успешни во својата дејност, организирани во Сојузот со конструктивни предлози, придонесуваат за подобрување на деловната клима во земјата. Мерките кои премиерот Зоран Заев ги најави пред стопанствениците за унапредување на приватниот сектор даваат мотив да веруваме дека политиката е во насока на развој на економијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари...