!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Токсични јајца пронајдени во дури 40 земји


Брисел, 5 септември, 2017 - 15:26 (META) 

Европска Унија денеска соопшти дека дури во 40 земји, меѓу кои 24 се членки на ЕУ, биле пронајдени јајца контаминирани со „фипронил“.

Претставникот на Европската комисија, Вијтенис Андриукаитис, кој е задолжен за здравје и за безбедност на храната, денеска изјави дека само во четири од 28 членки на ЕУ немало јајца заразени со токсичниот инсектицид „фипронил“.
Земјите кои не се погодени се Литванија, Португалија, Кипар и Хрватска.

Ширум Европа се уништени милион јајца и производи од јајца, кај кои се најдени траги од „фипронол“.
Сепак, засега никој не заболел од инсектицидот.

Во Холандија поради скандалот се уапсени две лица, директорите на компанијата „Чикенфренд“, на чија фарма се пронајдени заразените јајца. Тие се осомничени дека знаеле дека супстанцата која ја користеле е забранета.

Економската штета од скандалот со загадените јајца во Холандија се проценува на околу 33 милиони евра.


Апсења во Холандија поради скандалот со затруените јајца


Хаг, 10 август, 2017 - 16:32 (META) 

Две лица се уапсени во Холандија во рамки на истрагата за затруените јајца под сомневање дека нелегално користеле инсектицид фипронил на живинарските фарми.

Холандското обвинителство соопшти дека двајцата осомничени се директори на компанијата која, наводно, го користела фипронилот на фармите.

Иако нема извештаи дека некој се разболел, обвинителите рекле дека имаат докази дека јавното здравје е загрозено со „примената на биоцидот фипронил кај кокошките кои несат јајца“.

Осомничените се приведени во текот на серијата претреси кои Холандија ги спроведе во рамки на заедничката акција со белгиските власти.

Поради аферата, милиони јајца се повлечени од продавниците во повеќе европски земји, вклучувајќи ги Германија, Белгија и Холандија.

Десетина произведувачи на јајца во Белгија и во Холандија се под истрага, откако во нивните производи е откриено присуството на инсектицидот фипронил, кој може да го загрози човечкото здравје.

Европската комисија неделава предупреди дека е можно јајца затруени со инсектицидот да се продавани во седум земји, со што скандалот доби поголеми размери.


Паника во седум европски земји поради затруени јајца


Брисел, 8 август, 2017 - 10:31 (META) 

Европската комисија предупреди дека е можно во седум земји да има јајца затруени со инсектициди. Велика Британија и Франција потврдија дека одредено количество такви јајца влегле на нивните пазари, а Белгија се нашла на удар на критики поради прикривање на скандалот иако уште во јуни надлежните знаеле дека во јајцата е присутен фипронил, потенцијално опасна супстанца.

Француската влада соопшти дека во две прехранбени фабрики во централниот и во западниот дел на земјата се пронајдени 13 товари јајца од Холандија кои биле контаминирани со фипронил.

Супермаркетите во Германија, Холандија и во Белгија повлекоа од продажба милиони јајца откако Белгија го испрати првото известување до Европската комисија на 20 јули.

Европската комисија соопшти дека јајцата за кои постои сомневање дека се затруени биле дистрибуирани во Франција и во Велика Британија преку Германија.

– Сега на ред се Шведска, Швајцарија, Франција и Велика Британија да ги продолжат проверките, затоа што на овие јајца може да им се влезе во трагата – изјави портпаролката на ЕК, Ана Каиса Итконен.

Се претпоставува дека холандската компанија „Чикфренд“ користела отровен инсектицид за да третира паразити кај пилињата.

Светската здравствена организација го смета фипронилот за умерено токсичен, а строго е забранет за животни наменети за прехрана кај луѓе.

Кризата од Холандија, Франција, Велика Британија и од Белгија се проширила на Германија, Швајцарија и на Шведска.


Ле Пен ја гаѓаа со јајца и доби студен туш од анкетите


Париз, 5 мај, 2017 - 11:26 (META) 

Во завршницата на предизборната кампања, ултранационалистичката кандидатка за претседател на Франција, Марин ле Пен, вчера ја гаѓаа со јајца при средба со граѓани во Бретања. Во меѓувреме, таа доби и студен туш од најновите анкети, кои покажуваат дека нејзиниот противкандидат, Емануел Макрон, убедливо води пред неа.

Француската кандидатка за претседател, Марин ле Пен, при посета на Дол де Бретањ беше пречекана со негодување и ја гаѓаа со јајца. Инцидентот беше снимен од еден од присутните, а обезбедувањето ја заштити Ле Пен и набргу ја внесе во еден објект. Со јајца беа погодени некои од нејзините придружници и обезбедувањето.

Анкетите покажуваат дека Макрон би требало да победи во вториот круг од претседателските избори в недела, со околу 60 отсто од гласовите, додека Ле Пен би добила околу 40 отсто.

Макрон и Ле Пен денеска, на последниот ден од кампањата што завршува ноќеска на полноќ, ќе даваат интервјуа.


Џиновски гнезда, герила-акција против уништувањето на зеленилото и на дрвјата во Скопје


Скопје, 13 април, 2017 - 11:14 (META) 

Анонимни урбани уметници поставија уметнички инсталации, големи гнезда со јајца, на повеќе локации во Скопје, со кои сакаат да алармираат на сè поголемиот број исечени дрвја во градот.

Во гнездата има порака „Ги исековте сите дрвја, каде да правиме гнезда? Птиците“.

На овој начин тие сакаат да укажат дека за осум години градското зеленило е намалено за 40 отсто, што влијае на зголемување на загадувањето, уништување на амбиенталните вредности, но и на севкупниот биодиверзитет во градот.

„Со уништување на старите и возрасни дрвја во градот, не само што се уништуваат долгогодишните постоечки гнезда на птиците, туку тие многу често немаат место за гнездење. Според податоците од еколошките здруженија, голем број птици, како славејот, песнопојките, клукајдрвците, ќосот и слични благородни птици, се пред исчезнување во градот поради уништување на нивната природна животна средина“, велат уметниците.


Изложба во Охрид за историјатот на украсувањето велигденски јајца во Русија


Охрид, 7 април, 2017 - 12:12 (META) 

Изложба насловена „Историјат на украсување и на бојадисување велигденски јајца во Русија од древноста до колекцијата ’Фаберже’“, денеска ќе биде отворена во НУБ „Григор Прличев“ во Охрид.

Изложбата е посветена на празникот Велигден, а посетителите ќе имаат можност да слушнат и предавање за историјата и за современите тенденци на уметноста на украсување јајца.

Исто така, публиката ќе може да учествува во работилницата за уметничко украсување велигденски јајца.


Минимално зголемување на трошоците за живот во септември


Скопје, 7 октомври, 2016 - 14:50 (META) 

Трошоците на животот во септември, во однос на претходниот месец, се поголеми за 0,2 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Зголемувањето е резултат на повисоките индекси на свежиот и разладен зеленчук за 2,6 проценти, јајцата за 2,4 проценти, компирот за 1,3 отсто, месото, рибата, морските плодови и замрзнатото овошје за 0,7 отсто.

Во септември, исто така, зголемување на индексите на трошоците за живот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 3,7 проценти, течните горива за домаќинствата за 3,2 проценти, течните горива и мазива за 2,4 проценти, средствата за чистење и за одржување на станот за 2 проценти.

Намалување на индексот на трошоците на животот во септември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај оризот и полномасното млеко за 1,1 отсто, другите прехранбени производи за 0,4 отсто и свежото и разладеното овошје за 0,3 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците за живот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 15,2 проценти, туристичките пакет-аранжмани за 10,6 проценти, услугите за сместување за 6,4 проценти, болничките услуги за 6,1 отсто.


Рокот за барања за субвенции за млеко е до 30 јуни


Скопје, 15 јуни, 2016 - 12:14 (META) 

Рокот за поднесување барања за директни плаќања за произведено и за предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од јануари до април е до денеска, како и од 25 јуни до 30 јуни, инфромираше Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар, а барањата се поднесуваат електронски во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

До денеска, како и од 25 јуни до 30 јуни, завршува и рокот за поднесување барања за субвенции за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од јануари до април. Висината на субвенцијата е 100 денари, а барањата се поднесуваат во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, лично или по пошта.

Од Агенцијата потсетуваат дека рокот за поднесување барање за мерките по површина и грло добиток завршува на 30 јуни.


Православните христијани го слават Велигден


Скопје, 1 мај, 2016 - 10:12 (META) 

Камбаните точно на полноќ во целата земја го навестија Воскресението Христово Велигден.

Веста за Христовото воскресение ја објавија свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква (МПЦ) во земјава и во светот.

Христос воскресна, навистина воскоресна! Со овие зборови од вечерва по полноќ православните верници во земјава го честитаат најголемиот христијански празник, Христовото воскресение, Велигден.

Најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, во Република Македонија најмасовно беше прославен во Скопје, во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, каде со Воскресната литургија чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква, неговото блаженство архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.


Велика сабота – ден пред Велигден


Скопје, 30 април, 2016 - 10:19 (META) 

Православните верници вечерва на полноќ ќе го одбележат Христовото воскресение, кога почнува еден од најголемите христијански празници, Велигден. Вечерва се оди во црква, каде што се носи црвено јајце.

Христијаните денеска ја слават Велика сабота, ден на свештен трепет пред Христовото воскресение.

На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црква се останува за големата литургија, а потоа се причестува, се кршат јајцата и се омрсува.

Од времето на страдањето на Господ Исус Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на неговото воскресение.

На Велигден, верниците си подаруваат едни со други рака на помирување, со традиционалниот поздрав „Христос воскресе” и „Вистина воскресе“.