Обвинителство: На референдумот регистрирани 40 нарушувања


Скопје, 5 октомври, 2018 - 13:42 (META) 

Јавното обвинителство на Република Македонија денеска ја објави информацијата за привремената комисија што ги  следеше нерегуларностите и инцидентите во кампањата и на денот на референдумот.

Вкупно се регистрирани 40 нерегуларности, а од нив еден случај е во текот на кампањата, за повик за поткуп на гласачи на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Нерегуларности на денот на референдумот не се регистрирани на подрачјата на основните јавни обвинителство од Куманово, Крива Паланка, Велес, Кавадарци и Гевгелија, а на подрачјето на скопското обвинителство се регистрирани 29 настани, од кои 27 се разјаснети веднаш. Имало и пријави за неовластено снимање, но најчесто полицијата утврдувала дека се работи за новинарски екипи кои немале истакнато легитимации.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола не се регистрирани нерегуларности освен еден во Битола, кога набљудувач ги повикувал гласачите да не гласаат, а за два случаи на подрачјето на Струга, постапката е во тек. Толку случаи се евидентирани и во Гостивар.

На територијата на Основно јавно обвинителство Штип се регистрирани два настани, исто толку и на подрачјето на кочанското обвинителство, а еден случај на подрачјето на обвинителството од Радовиш.

До Јавното обвинителство преку електронска пошта стигнале 15 информации од граѓани и две кривични пријави од една политичка партија, кои се доставени до Основно јавно обвинитество Скопје.


Јанкулоска влијаела Антикорупциска да отвори предмет за имотот на Јасна Црвенковска


Скопје, 17 август, 2018 - 15:54 (META) 

Дел од прислушуваните разговори кои денеска беа објавени на рочиштето за случајот „Титаник“ на СЈО, покажуваат дека Мартин Протоѓер за време на изборната кампања во 2011 година и наложува на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да провери дали сопругата на тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, има куќа на хрватскиот остров Корчула.

„Ова е многу важно, ќе направи пресврт во кампањата. Провери преку матичен број дали е на име на жена му. Ме чекаат ’Дневник‘ да им ја дадам приказната“, ѝ вели Протоѓер на Јанкулоска.

Откако таа се јавила во Србија, по што ѝ било потврдено дека таму живее семејство со исто презиме, на Иво Котевски му вели да и нарача на Антикорупциска да отвори предмет за овој случај.

„Ај кажи Антикорупциска да си имаат предмет за имотот на Б.Ц. Јави им се на Борче и на Љубинка, охрабри ги“, му вели Јанкулоска на Иво Котески и му потенцира да му се јави на тогашниот претседател на комисијата Воислав Зафировски.

Од следниот разговор меѓу двајцата сопартијци се дознава дека Антикорупциска ја послушала партиската наредба, односно „се охрабриле да постапуваат“.

„Отворија предмет, а сега да ги притиснеме да објават дека има корупција“, му вели Јанкулоска на Протоѓер.


„Титаник“: Протоѓер го навредува Шврговски зошто отворил истрага за изборни манипулации


Скопје, 17 август, 2018 - 12:23 (META) 

Во една од бомбите објавена денеска во судница за случајот „Титаник“, меѓу Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска во 2011, пред тогашните избори, се редат навреди за тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски, а сегашен адвокат на Сашо Мијалков.

– Абе овој Шврговски, ова копиле скапано. Да му е..м мајката, по допрен глас ќе постапувал за сторијата на „А1“. Четири месеци чекам за „Надеж“, предмет да отвори. Тој работи за СДСМ. Чист случај за апсење има за Наташа Савова и ништо не прави – и вели Протоѓер на Јанкулоска.

Таа пак му вели дека таа помислила дека само отворил предмет, а потоа да го затвори. На ова Протоѓер уште понервозно и враќа дека тој бил човек на СДСМ и додава дека ќе му каже на Сашо Мијалков да го стегне.

Во претходните разговори Јанкулоска и Протогер зборуваат за аферата „Списоци“ која ја објави тогашната телевизија „А1“, односно за тоа дека вработените во државна администрација треба да обезбедат по 15 гласачи. Првично се смеат додека разговараат, но потоа се забележува дека стануваат нервозни, па одлучуваат да ги тужат новинарките.

– Нема начин како да се бориме против овие „А1“, „Време“ и „Шпиц“. Мора да ги тужиме – вели Протоѓер.

Јанкулска му сугерира да ја тужат новинарката Сашка Цветковска за лажно претставување.

Во наредните разговори Протоѓер се смирува, па и вели на Јанкулоска „Зборев со Шрговски, ќе го биде ова, ама ај ќе зборуваме“.

Набрзо по откривањето на аферата Шврговски ја затвори истрагата бидејќи наводно немало докази за злоупотреби од ВМРО-ДПМНЕ.


Утре започнува судењето за „Титаник 2“, ќе им се суди на Мијалков, Тачи и членови на ДИК


Скопје, 23 април, 2018 - 15:06 (META) 

Судењето за предметот на СЈО „Титаник 2“ за изборни нерегуларности ќе започне утре и на обвинителна клупа ќе седнат лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и поранешните членови на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

На судиите од управниот суд Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула нема да им се суди иако по барање на судијката Верка Петковска, Судскиот совет им го симна имунитетот, а Апелациониот суд ја одби жалбата на СЈО за обвинението со кое тие беа опфатени.

Предметот ќе го суди судијата Огнен Ставрев, кој ги суди случаите „ТНТ“ и „Монструм“.

Сите обвинети во „Титаник 2“, освен Сашо Мијалков, кривично ќе одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување, а екс директорот на УБК ќе одговара за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“. Ова е четврто обвинение за Мијалков по „Трезор“, „Таргет-Тврдина“ и „Тортура“.

Од објавените „бомби“ на опозицијата, може да се слушне како Мијалков и Тачи се договараат за гласање за поднесените приговори до Државната изборна комисија. Апелациониот суд прифати две „бомби“ да бидат дел од доказите во овој предмет.


Судењето за „Титаник“ одложено за 26 април, адвокатите на Груевски побараа изземање на судиите


Скопје, 12 април, 2018 - 12:34 (META) 

Рочиштето за случајот на СЈО „Титаник“ се одложи за 26 април, бидејќи се уште се чека Апелација да одлучи за барањето на адвокатите за изземање на Судскиот совет од овој процес.

Во овој случај на СЈО, првообвинет е Никола Груевски, а покрај него обвинети се и екс-министрите Миле Јанакиевски и Гордана Јанкулоска, пратеникот Илија Димовски, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и уште 16 други лица.

Груевски кажа дека рочишта за „Титаник“ има секогаш кога се преговара за името меѓу Македонија и Грција.

-И денеска како што можевте да забележите на електронските агрегати тема број еден е „Титаник“, а тема број два е името. Минатиот пат кога имавме „Титаник“, имаше преговори за името во Виена, денеска има преговори во Охрид – изјави Груевски денеска пред судот.

На новинарско прашање дали од сите случаи ќе бараат иземање на Судскиот совет, Груевски рече дека се што прават е во консултација со адвокатите.

Претходно, адвокатите на Груевски побараа изземање и на судиите во предметите „Тенк“ и „ТНТ“ со истото образложение.


Прифатено обвинението за „Титаник 2“, на обвинителна клупа Мијалков и Тачи


Скопје, 7 декември, 2017 - 10:04 (META) 

Советот за оценка за обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го прифатил обвинението на СЈО за предметот „Титаник 2“, во врска со изборни нерегуларности.

Во случајот обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, членот на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими и Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

Советот не го прифатил предлогот за злоупотреба на службената положба да одговараат и петте судии од Управниот суд. Претходно судскиот совет им го одзеде имунитетот на управните судии Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула, кој ги штитеше од кривична одговорност.

Предметот „Титаник 2“ се однесува на местење резултати на локалните избори во 2013 година. Според „бомбите“ што ги објави опозицијата, Мијалков и Тачи се договарале за гласање во однос на поднесени приговори до ДИК.

Апелацискиот суд одлучи прислушуваните разговори да бидат употребени како докази во постапката.


Ѓорчев: Ова беа најнерегуларни и најнедемократски избори во историјата


Скопје, 30 октомври, 2017 - 17:03 (META) 

Република Македонија во текот на вчерашниот ден ги имаше најнерегуларните и најнедемократските избори во историјата на независна Македонија, изјави денеска во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, член на извршниот комитет на партијата.

– Никогаш последниве 27 години немало понасилни избори и немало избори со повеќе поткуп, насилство и нерегуларности. ВМРО-ДПМНЕ до меѓународните претставници, до ОБСЕ и ОДИХР достави видео и фотоматеријали за голем број од забележаните изборни нерегуларности. Станува збор за изборен криминал. Во текот на целиот вчерашен ден беше вршен систематски психолошки притисок врз граѓаните за да им се втера страв и да не излезат на гласање. Забележан е и спречен обид за бугарски воз во Чаир, а информации за извршен бугарски воз имаме од повеќе места. Демократијата и правната држава вчера беа погребани во Република Македонија. СДС покажа дека нема намера да спроведува фер и демократски избори и дека сака целосна контрола врз институциите за целосен притисок врз граѓаните – рече Ѓорчев.

Тој ги повтори барањата што синоќа ги соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кои, како што рече, се „неопходен услов за враќање на демократијата и на владеењето на правата во државата“.

Меѓу барањата се техничка влада да организира предвремени избори, смена на директорот на ААВМУ, оставка на претседателот на ДИК, истрага за прислушување на 100 лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, завршување на судењето на „Поткуп“, основање на специјално обвинителство за расчистување на изборните нерегуларности во 2016 и во 2017 година, како и ослободување на лицата кои се во притвор за насилството во Собрание на 27 април.


Спасовски: Двајца приведени за поткуп на гласачи, петмина за фотографирање ливчиња


Скопје, 29 октомври, 2017 - 21:33 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прес-конференцијата еден час по затворањето на гласачките места објави дека има седуммина приведени за изборни нерегуларности, како и едно лице приведено за физичко насилство, за кое уште се истражува дали е поврзано со изборите.

– По долго време Македонија е горда што имаше фер, демократски и мирни избори – рече Спасовски, нагласувајќи дека МВР, постапувајќи согласно своите законски надлежности, презело мерки и активности со кои им обезбедило на граѓаните слободно да ја изразат својата волја и да го остварат правото на глас.

Тој посочи дека според oперативниот штаб на министерството, изборниот ден поминал мирно и им честиташе на „припадниците на македонската полиција за покажаната професионалност и за успешното и ефикасно извршување на зададените работните задачи“.

Спасовски потоа нагласи на кои места се случила нерегуларностите поради кои се приведени седумте лица.

– Во полициската станица Бит-пазар приведени се две лица поради сомнеж дека извршиле поткуп на избори и гласање, а во врска со пријава дека на улица Максут Садик во Скопје се врши поткуп на гласачи.  Исто така, приведени се и пет лица кои ги фотографирале избирачките ливчиња од гласањето, од нив три се во Скопје, а по едно во Пробиштип и во село Дулица.  Во Скопје се фотографирале гласачки ливчиња на гласачкото место во ОУ „26 Јули“, на гласачкото место во месната заедница Црниче и на гласачкото место во ОУ „Васил Главинов“. Против овие лица, ќе бидат поднесени соодветни прекршочни пријави. Како што претходно информиравме, пријавен е и физички напад во општината Шуто Оризари, приведено е едно лице и во моментот се работи на целосно расчистување на случајот – рече Спасовски


Едмонд Темелко доби уште 30 дена притвор


Скопје, 27 октомври, 2017 - 17:34 (META) 

Основниот Суд Скопје 1 го продолжи притворот за уште 30 дена на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој беше уапсен кон крајот на минатиот месец.

Темелко, обвинет за изборни малверзации во случајот „Титаник“ на СЈО, и понатаму  ќе остане во Истражниот затвор „Скопје“.

Тој е во притвор од 26 септември, а во „Титаник“, освен него, обвинети се и Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.


Полицијата расчистува два случаи на притисок поврзани со локалните избори


Штип, 24 октомври, 2017 - 15:42 (META) 

Министерството за внатрешни работи работи на два случаи со притисоци во врска со локалните избори.

Првиот случај е во Центар Жупа, каде претседателот и четири членови на општинската изборна комисија на Општина Центар Жупа пријавиле неовластено снимање. Имено, на фејсбук-профилот на Р.И. биле објавени фотографии од денот на примањето на изборниот материјал на општинската изборна комисија во Центар Жупа од избирачките одбори, како и текст со кој, според пријавата, се нарушувал угледот на општинската изборна комисија.

Полицијата од Дебар почнала постапка.

Вториот случај бил пријавен вчера во полициската станица во Штип. Штипјанка кажала дека претходниот ден по телефон ѝ се јавил Ј.С. од Штип и ѝ кажал дека таа и нејзиното семејство на вториот круг од локалните избори в недела треба да гласаат за кандидатот за градоначалник на Штип од неговата политичка партија. За овој случај бил известен и јавен обвинител.