Фото: Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев денеска сведочи на суд за предметот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности. Тој посочи неколку институции преку кои се вршеле притисоците врз гласачите како што се УЈП, Државниот пазарен инспекторат, Трудовиот инспекторат, Финансиска полиција, Шумска полиција.

„Центрите за социјална помош беа злоупотребени, тие шетаа со списоци од примателите на социјална помош и им се закануваа дека доколку не гласаат за партијата на власт социјалната помош ќе им биде прекината,“ изјави Заев кој додаде дека во тоа време доставиле околу 150 пријави до надлежните институции но никој не постапил по однос на нив.

Иако имале сознанија за изборни злоупотреби, тие решиле да ги признаат резултатите од предвремените парламентарни и претседателски избори, за да не дојде до уставна криза.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.