Пријави за изборни неправилности во Скопје, Амбасадата на САД добила пријава за „83 попречувачи со огнено оружје“

Фото: Архива на Мета

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности на Јавното обвинителство соопшти за неколку пријави за изборни нерегуларности во Скопје, како и за пријава добиена преку Амбасадата на САД дека 83 криминалци добиле огнено оружје за да вршат изборни нерегуларности.

Добиена е пријава дека засега непознати лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари. Дадени се насоки СВР Скопје да преземе мерки за проверка на наводите од пријавата.

Околу 9:35 часот во близина на влезот на Гласачо место (ГМ) 2842 и 2842/1 во ЈДГУ „Кочо Рацин“ на ул.„Борка Талески“ на 9 возила од надворешна страна на стаклата е залепена бројка од кандидат за градоначалник. Се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на евентуален сторител.

Во 9:04 часот добиено е известување доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија вчера се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, како и дека друго лице – познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањетo ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија. По приемот на известувањето, преку СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата.

Во претходните денови, Комисијата за следење на евентуални нерегуларности постапуваla по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со изборниот процес оформени се предмети во скопското и кумановското обвинителство.

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет во врска со истрели од огнено оружје на митинг на политичка партија.

По објави во медиумите за експлодирана бомба во двор од семејна куќа на кандидат за член на Совет на општина, на 3 октомври 2021 година, како и доставено известување од МВР, скопското обвинителство оформи предмет за сторено кривично дело – Изнуда од страна на засега непознати сторители. На кандидатот од листа за советници испраќани му биле пораки , меѓу нив и порака со закана со бомба.

До обвинителството е дадена информација дека на 15.10.2021 околу 19 часот на подрачјето на ПС Драчево, на место викано Аџево, биле забележани лица кои давале пари во замена за глас на претстојните локални избори односно вршеле кривично дело „поткуп при избори и гласање“. Од страна на полициски службеници приведени се четири лица. Известен е јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата. Дополнително, обвинителството е известено од СВР Скопје дека по спроведени дејствија е утврдено дека паричните средства пронајдени кај лицата се од Договор за купопродажба на возило.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје на 16 октомври 2021 година, бил известен од ПС Арачиново дека снемало печат на избирачки одбор кога членовите отишле да спроведат гласање кај лице во неговиот дом. Известена била и Државната изборна комисија, по што обезбеден е нов печат. Настанот е документиран, се преземаат дејствија за негово расчистување.

Кумановското обвинителство оформи предмет и постапува за настан случен во селата Војновиќ, Романовце и Черкезе, кумановско, каде лице се договарало за купување гласови.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола се преземаат дејствија за утврдување на факти во неколку прдмети поврзани со процесот на организирање и спроведување на локалните избори.

Комисијата информираше јавноста дека по закани преку Фејсбук кон кандидатот за градоначалник од Прилеп, Обвинителството повело постапка и до надлежниот суд достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот.

До Комисијата, преку електронската адреса пристигналеа две пријави за дејствија во општина Струга, во врска со асфалтирање на улица на денот на изборниот молк. Струшкото обвинителство побарало полициски службеници од ПС Струга да проверат, при што е констатирано дека наведеното место не се преземаат градежни дејствија за асфалтирање на улица и нема присуство на евентуално ангажирани работници.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар, во тетовското обвинителство се постапува за проверка на наводи во пријава против директор на државен орган кој агитирал кај вработени да гласаат за кандидат за градоначалник. Во ова обвинителство се проверува и сознание во врска со наводен поткуп од кандидат за градоначалник со бекатонски плочки.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип , во Основното јавно обвинителство Кочани се преземаат дејствија во предмет оформен по примена кривична пријава вчера. Според наводите во пријавата, во период од 8 до 15 октомври 2021 година, во повеќе наврати две лица им се заканувале на повеќе граѓани од Кочани дека ќе бидат избркани од работа и ќе им бидат одземени други права доколку излезат на гласање и гласаат за партијата чии симпатизери се.

Основното јавно обвинителство Делчево по телефон било известено дека на вчера на градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник на едно лице дало 3.000 денари и брошура од политичка партија. Парите од лицето кое ги примило се одземени, додека брошурата не е пронајдена. Обвинителството издаде насоки за натамошно постапување.

Основното јавно обвинителство, по телефонско известување од СВР Струмица, издалнасоки за проверка во врска со настан во село Ново село каде едно лице вршело агитирање и убедувало стари и изнемоштени лица за кого да го дадат својот глас.

На електронска адреса на обвинителството примена е пријава и за преземени дејствија од медиум со кои наводно биле сторени нерегуларности во врска со изборниот процес, односно прекршување на изборниот молк. Наводите се проверуваат.

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности преку воспоставените дежурства на јавни обвинители во основните јавни обвинителства продолжува да го следи спроведувањето на локалните избори.​

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија потсетува дека во функција е отворената електронска адреса [email protected], каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.​