!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Секоја минута задолжувањето изнесува 1.050 евра


Скопје, 14 август, 2017 - 9:36 (META) 

Секој ден нашата држава по основ на државни хартии од вредност се задолжува за 1,5 милиони евра, се вели во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „за секој поминат час државата се задолжува за 62.500 евра додека секоја одмината минута задолжувањето изнесува 1.050 евра.“

„За 70 дена „министерот за задолжување“ Драган Тевдовски, успеа да го задолжи секој македонски граѓанин за нешто над 3.100 денари, односно 50 евра. Лицемерието е уште повидливо откако „министерот за задолжување“ успеа да стопи 126 милиони евра од девизните резерви“, се додава во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата стопи 126 милиони евра од девизните резерви


Скопје, 11 август, 2017 - 14:53 (META) 

Во рок од два месеци, владата на СДС стопи 126 милиони евра од девизните резерви и се задолжи повеќе од 100 милиони евра само на основа на државни хартии од вредност, изјави на прес-конференција Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека со ребалансот на буџетот ќе се зголеми долгот за дополнителни 150 милиони евра.

– Со расипничкото и неодговорно работење, владата на СДС дневно ја задолжува државата за повеќе од 1,5 милиони евра, а притоа нема никаков ефект, нема проекти, нема почнување или довршување на канализации, водоводи, училишта, градинки, патишта… Ниту министерот за задолжување, Тевдовски, ниту Зоран Заев не даваат логично објаснување која е целта на повлекувањето на 126 милиони евра од девизните резерви или зошто се издаваат повеќе од 100 милиони евра државни хартии, многу повисоки износи од износите доспеани за исплата – изјави Кузмановска.


Грчкото министерство за финансии издаде хартии од вредност првпат по 2014 година


Атина, 25 јули, 2017 - 11:13 (META) 

Министерството за финансии на Грција објави емисија на нови хартии од вредност деноминирани во евра, со фиксна каматна стапка и рок на достасување во 2022 година, јавуваат грчките медиуми.

Ова е прво издавање грчки хартии од вредност од 2014 година, бидејќи Грција загуби пристап до пазарот на обврзници поради високите каматни стапки.

Владата во Атина ангажирала шест банки да управуваат со нејзиното враќање на меѓународниот пазар на обврзници.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ ја задолжи државата за нови 10,6 милиони евра


Скопје, 19 јули, 2017 - 9:45 (META) 

Опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение утрово ја обвини Владата дека вчера преку аукција на хартии од вредност ја задолжила државата за дополнителни 10,6 милиони евра.

„На претставниците на СДС, кога беа во опозиција, устата им беше полна за презадолженост на Република Македонија. Денес, кога СДС е на власт, ја задолжува земјата што е можно повеќе. Кога беше опозиција, СДС ги сметаше аукциите на државни хартии за криминал. Вчерашното задолжување на владата на СДС го покажува нивното лицемерство. Едно зборуваат, а друго прават. Таквиот несериозен и неодговорен однос на владата на СДС ја покажа и вчерашната недоверба на банките кон работата на оваа власт, бидејќи побарувачката за државните хартии од вредност беше помала од тоа што го планираше министерот Тевдовски“, стои во соопштението.

Од партијата велат дека катастрофалната економска политика на владата е очигледна и преку ребалансот на буџетот, кој ја покажал нејзината „антиреформска и расипничка матрица на работа“.

Во врска со вчерашното задолжување, според ВМРО-ДПМНЕ, најтрагично е што нема најава дека партите ќе се искористат за реновирање училишта, болници или други инфраструктурни проекти.


Министерство за финансии ќе позајмува повеќе пари дома, а може да издаде и еврообврзница


Скопје, 28 јуни, 2017 - 13:54 (META) 

Од почетокот на мандатот новата влада не се задолжи дополнително заради покривање на буџетскиот дефицит, туку преку продолжување на роковите на хартиите од вредност што достасуваат, а наскоро ќе се задолжува и на домашниот пазар, рече на денешната прес-конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски.

– Од моментот на стапување на должност на новата влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување, туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност што во тој момент достасуваа. Во буџетот за 2017 година е предвидено финансирање на буџетскиот дефицит од домашниот пазар и од странско задолжување – рече Тевдовски.

Тој посочи дека државата, преку Министерството за финансии, отсега ќе се задолжува повеќе на домашниот пазар отколку на странскиот. Како аргументи ги наведе пониските камати на домашните обврзници, кои во најголемиот износ се за околу 40 отсто пониски отколку за еврообврзниците. Аргумент за тоа е и поголемиот интерес за купопродажба на домашните обврзници, но и можноста за враќање на долгот на подолг рок отколку во случајот на еврообврзниците, наведе Тевдовски.


Министерството за финансии нема направено нови долгови врз основа на државни записи


Скопје, 21 јуни, 2017 - 14:59 (META) 

Министерството за финансии нема направено нови долгови врз основа на државни хартии од вредност, како што беше посочено од ВМРО-ДПМНЕ, и покрај огромниот интерес за државните записи од страна на инвеститорите, информираат од министерството.

Во соопштението на министерството се вели дека „издавањето државни хартии од вредност е предвидено со буџетот за 2017 година, каде стои дека буџетскиот дефицит ќе се финансира и преку домашни извори“.

„Државните хартии од вредност издадени со последните две аукции се стриктно за покривање стари долгови. На 6 јуни беше одржана аукција на државни хартии од вредност на која беа издадени хартии од вредност во ист износ, колку што беше потребен за да се покријат старите долгови. Добро е да се спомене дека побарувачката на таа аукција беше четирипати поголема од запишаниот износ или 2,1 милијарди денари“, се вели во соопштението.


Задолжувањето да не се користи за политички цели, велат од Министерство за финансии


Скопје, 21 март, 2017 - 12:30 (META) 

Министерството за финансии води одговорна политика на управување со јавниот долг, која не е и не може да биде предмет на дневно-политички манипулации, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ.

– Во согласност со Законот за јавен долг и максималниот износ за задолжување на домашниот пазар, објавениот календар за аукции, како и во согласност со понудата и со побарувачката на државните хартии од вредност од страна на инвеститорите, Министерството за финансии носи одлука за оптималниот износ – велат оттаму.

На соопштението на СДСМ реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека „државниот долг и аукциите на државни хартии од вредност станаа редовна пропагандна алатка на СДСМ“.

„Секогаш кога сакаат нешто да стават под тепих и да ја дефокусираат јавноста од политичките случувања, тие плетат заговори за „грчко сценарио“ и за банкрот. Иронијата да биде поголема, пред два дена кредитната агенција „Стандард и Пурс“ во својот извештај наведе дека долгот на државата е низок. Ова е само една од низа меѓународни институции како Светска банка, ММФ, кредитната агенција „Фич“ кои наведуваат дека државниот долг е низок“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека издавањето на државни хартии од вредност секаде во светот е редовна постапка за финансирање на буџетот.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се обидува да ја скандализира аукцијата на хартии од вредност


Скопје, 24 јануари, 2017 - 17:57 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по секоја цена се обидува да скандализира вообичаена аукција на хартии од вредност, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ во врска со денешната аукција на хартии од вредност.

„Тоа го прават во обид да ја манипулираат јавноста, бидејќи само со креирање хаос и сеење магла се научени да функционираат. Да биде иронијата поголема, оваа вообичаена практика за секоја земја, односно издавањето државни хартии од вредност, е метод воведен од власта на СДСМ во 2004 година. Разликата е во тоа што денес каматата е 2 отсто, а во време на СДСМ таа беше 5,5 пати поголема“, стои во реакцијата.

Оттука, како што се стои во соопштението, се поставува прашањето за што ги трошел парите тогаш СДСМ и која добивка граѓаните ја видоа од толку скапото издавање на државни хартии од вредност.

„Одговорот е никаква. СДСМ тогаш само ја задолжуваше државата, не градеше нови патишта, нови училишта, болници, детски градинки, не се доделуваа субвенции за земјоделците, не се зголемуваа пензиите, социјалната помош и платите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


МФ: Oпозицијата e против редовните фискални инструменти


Скопје, 13 септември, 2016 - 16:01 (META) 

И во случај Министерството за финансии да ги откаже сите аукции на државни хартии од вредност до крајот на годината, што би предизвикало нарушување на финансискиот пазар во земјава, опозицијата сигурно би барала друг начин да прикаже дека државата се презадолжува, се вели во реакцијата на Министерство за финансии по повод соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во соопштението се наведува дека „Македонија веројатно е единствена земја во светот каде опозицијата заради дневно-политички поени тргнува против фискални инструменти што секаде во светот се издаваат на редовна основа“.

– Секој може да направи споредба колку државни хартии од вредност се издадени од почетокот на годината и колку средства се вратени во стопанството годинава, тоа се јавно достапни податоци на веб-страницата на Министерството и секој може да увиди дека нето-задолжувањето врз основа на државни хартии од вредност е значително намалено. Аукцијата што денеска не се одржа беше предвидена со календарот за државни хартии од вредност, исто како и други шест аукции кои изминативе месеци беа предвидени, а не се одржаа. Сепак, тие аукции опозицијата не ги спомнува, бидејќи не се вклопуваат во приказната за „презадолжување“ – се вели во реакцијата на Министерство за финансии.


Наумов: Jавниот долг зголемен за нови пет милиони евра


Скопје, 6 септември, 2016 - 15:29 (META) 

„Министерството за финансии денеска запиша 34 милиони евра во државни хартии од вредност. Иако за враќање доспеваа 29 милиони евра, министерот Кирил Миноски одлучи да го зголеми јавниот долг за нови пет милиони евра“, се вели во реакцијата на дополнителниот заменик-министер за економија, Кире Наумов.

Според Наумов, „незаконската еврообврзница од 450 милиони евра за оваа неодговорна власт не е доволна за сервисирање на редовните обврски на буџетот“.

– Наместо во најмала рака задолжувањата на домашниот пазар на хартии од вредност да се во рамките на износот на долговите што доспеваат за враќање, министерот Миноски продолжи со трупање нови долгови. Повторно укажувам дека секое вакво задолжување на Владата без согласност на дополнителниот заменик-министер за финансии е незаконско – вели Наумов.

Тој предупреди дека ќе ги искористат сите правни средства што им стојат на располагање за да го оспорат ваквото незаконско задолжување на товар на граѓаните и сите задолжувања ќе бидат преиспитани во предизборниот период.