Домашни инвеститори поседуваат сопственички капитал односно акции и удели во компании и фондови во странство вредни 337 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка за портфолио инвестициите на резидентите во странски хартии од вредност заклучно со 30 јуни, годинава.

Инвестициите од нашата земја во странски хартии од вредност во 2016 година изнесувале 205 милиони евра, што значи дека во изминативе три и пол години има зголемување од 132 милиони евра.

Податоците на Народната банка откриваат дека најголем дел од инвестициите се пласирани во хартии од вредност издадени во САД (251,3 милиони евра), Германија (48,4 милиони евра) и Франција (12,8 милиони евра).

Најзастапена валута на вложувањата е американскиот долар, а најголемите домашни портфолио инвеститори во странство доаѓаат од групата пензиски фондови и осигурителните друштва, по што следуваат други компании.