Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по секоја цена се обидува да скандализира вообичаена аукција на хартии од вредност, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ во врска со денешната аукција на хартии од вредност.
„Тоа го прават во обид да ја манипулираат јавноста, бидејќи само со креирање хаос и сеење магла се научени да функционираат. Да биде иронијата поголема, оваа вообичаена практика за секоја земја, односно издавањето државни хартии од вредност, е метод воведен од власта на СДСМ во 2004 година. Разликата е во тоа што денес каматата е 2 отсто, а во време на СДСМ таа беше 5,5 пати поголема“, стои во реакцијата.
Оттука, како што се стои во соопштението, се поставува прашањето за што ги трошел парите тогаш СДСМ и која добивка граѓаните ја видоа од толку скапото издавање на државни хартии од вредност.
„Одговорот е никаква. СДСМ тогаш само ја задолжуваше државата, не градеше нови патишта, нови училишта, болници, детски градинки, не се доделуваа субвенции за земјоделците, не се зголемуваа пензиите, социјалната помош и платите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.