АМСМ: Интензитетот надвор од градските средини е зголемен


Скопје, 6 август, 2018 - 9:38 (META) 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, соопшти Автомотосојузот на Македонија. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Потпишан протокол за побрз проток на жива стока на Табановце и Богородица


Скопје, 14 мај, 2018 - 14:06 (META) 

Директорите на Царинската управа и на Бирото за јавна безбедност, Ѓоко Танасоски и Лазо Велковски, денеска потпишаа нов Протокол за уредување на постапките за побрз проток на жива стока, стока во жива состојба, опасни материи и стока.

Овој протокол, како што истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски, е од исклучително значење за извозот на македонските земјоделско – прехранбени производи, бидејќи се овозможува 24 часовен слободен коридор за приоритетно движење на жива стока и стока во свежа состојба, за што порано имаше ограничено време.

„На овој начин значително се олеснува и забрзува протокот на стоки, што е важно за македонските земјоделско- прехранбени производи навреме да стигнат на странските пазари“, рече Николовски.

Новиот протокол, кој ќе стапи на сила веднаш, во исто време ќе придонесе и да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на жива стока на овие два гранични премини.


Израел ги затвора граничните премини со Газа


Тел Авив, 14 декември, 2017 - 10:47 (META) 

Израел најави затворање на граничните премини во Газа како одговор за зачестените ракетни напади од енклавата во текот на изминатата недела, јавуваат светските агенции.

Нападите следеа по одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп САД да го признае Ерусалим за израелска престолнина, што предизвика гнев кај Палестинците.

Израелски авиони утринава погодија три постојки кои им припаѓале на Хамас, милитантна група која го контролира Појасот Газа, соопшти израелската војска.

Војската соопшти дека поради последните безбедносни закани, преминот „Керем Шалом“, кој е главно место за влез на стока во Појасот Газа и пешачкиот премин „Ерез“ ќе биде затворен во четврток. Не е прецизирано колку време ќе трае затворањето.


Спасовски и Радев разговарале за отворање на граничниот премин Клепало – Сандански


Струмица, 23 ноември, 2017 - 15:19 (META) 

Соработката помеѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Бугарија е одлична, нагласиле министрите за внатрешни работи на двете земји, Оливер Спасовски и Валентин Радев, на работната средба пред почетокот на заедничката седница на двете влади во Струмица.

Спасовски и Радев, како што соопшти МВР, ја нагласиле важноста од отворањето на планираните нови гранични премини, особено на граничниот премин Клепало – Сандански, со што ќе се овозможи полесна комуникација и движење на граѓаните.

Двајцата соговорници разговарале и за соработката на двете министерства во рамки на меѓународните организации, како и за соработката во борбата против организираниот криминал.


На граничните премини со Грција се чека до еден час, информираат од АМСМ


Скопје, 22 јули, 2017 - 10:45 (META) 

На граничниот премин Богородица, за излез од државата се чека еден час, а на граничниот премин кај Дојран, се чека околу 30 минути, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

На другите гранични премини, нема подолги задржувања. Информацијата се однесува само за македонската страна на премините.

 Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.


На граничните премини Богородица и Дојран за влез во Грција се чека половина час


Гевгелија, 2 јули, 2017 - 9:56 (META) 

Интензитетот на сообраќајот на патните правци во земјава надвор од градските средини е зголемен, а на граничните премини Богородица и Дојран со Грција, за влез и за излез се чека околу 30 минути, информира Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

На другите гранични премини нема подолги задржувања. Од АМСМ потсетуваат дека овие информации се однесуваат само за македонската страна од премините.

Инаку сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива по суви коловози.

Од вчера на сила стапи примената на привремениот режим на сообраќај во летниот период со кој се забранува движење на тешки товарни возила за време на деновите од викендот и за денови при екстремно висока температура. Оваа мерка ќе трае од 1 јули до 31 август.


Заврши штрајкот на грчките цариници – сообраќајот на граничните премини се нормализира


Скопје, 2 јуни, 2017 - 10:45 (META) 

Сообраќајот на граничните премини со Грција се одвива нормално, без поголеми задржувања, соопшти денеска Автомото-сојузот на Македонија, наведувајќи дека просечното чекање на македонската граница изнесува околу 15 минути.

Во еден часот изутринава, заврши 24-часовниот штрајк на грчките цариници поради новите мерки на штедење на грчката влада. За време на штрајкот, целосно затворени за сообраќај беа граничните премини Дојрани и Ники, каде границата можеше да се мине само пеш, додека на граничниот премин Евзони, на секој час границата се отвораше за патнички возила и за автобуси во траење од 15 минити.

Поради денешниот празник и продолжениот викенд, фреквенцијата на македонско-грчката граница е зголемена. Од АМСМ соопштија дека интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од земјата.


Миноски само наоѓа изговори да не ги исплати субвенциите, велат земјоделците


Скопје, 27 април, 2017 - 13:47 (META) 

Претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, Ристо Велков, вели дека министерот за финансии, Кирил Миноски, само си наоѓа изговори во Изборниот законик за да не се исплатат субвенции.

„Или нема пари, или политика е во прашање. Нека ми каже министерот кои избори се планирани во догледен период за да бидат пречка да не се исплатат субвенциите или, пак, каде во Изборниот законик пишува за исплатата на субвенциите. Исто така се работи за субвенции за 2015 и за 2016 година, кои требаше да бидат исплатени тековните години“, вели Велков.

Тој додава дека сè уште не знаат дали утре ќе се сретнат со министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Михаил Цветков, министерот за финансии, Кирил Миноски, и со директорот на Платежната агенција, Игор Златков, бидејќи немаат повратен одговор на барањата за средби.

Велков вели дека можно е од вторник, земјоделците да го блокираат влезот на Скопје.

„Ако ги блокираме граничните премини, тоа ќе биде на штета на земјоделците, бидејќи сега се врши откупот. На тој начин ќе се оневозможи извозот. За тоа што ќе правиме, одлука ќе донесеме за викендот“, додаде Велков.


Сообраќајот на влезот во Скопје кај хотел „Континентал“ е затворен поради пукната цевка


Скопје, 17 април, 2017 - 13:43 (META) 

Поради пукната цевка, кружниот тек кај хотел „Континентал“ е затворен за сообраќај, од Автокоманда кон Саем и од Бит-пазар кон Саем, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија.

Оттаму велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини нема подолги задржувања. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.


Сообраќајот се одвива по влажни коловози, магла на неколку патни правци


Скопје, 13 февруари, 2017 - 9:14 (META) 

Сообраќајот по државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

На патниот правец с.Лисец – Попова Шапка, видливоста е намалена од 50 до 100 метри поради магла. Магла има и на планинскиот превој Стража.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони се уште е затворен за сообраќај. Граничните премини Меџитлија и Дојран се отворени.