Од денеска за влез и излез од земјава на граничните премини сите домашни и странски државјани ќе мора да приложат сертификат за вакцинација против ковид-19 за примени две дози на вакцина, сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена или медицинска потврда со негативен ПЦР тест направен 72 часа пред излезот од земјава или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.
Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест ковид-19, а кои ќе важат од 1 септември 2021 година, информираат од владината прес-служба.
Сите патници на граничните премини кои при влез во државата нема да задоволат еден од трите критериуми, одат во задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена. Времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани, додека изолацијата на странските државјани е на нивни трошок.
Владата на вчерашната седница донесе измени со кои се предвидуваат исклучоци од оваа мерка за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.
На седницата е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој, наместо 5 часа, им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.