fbpx

Порталб: Настаните во Косово показател за кревката стабилност во регионот

-

Ситуацијата на северот во Косово и понатаму е тензична и патиштата кои водат кон двата гранични премини во Јариње и Брњак, единаесетти ден по ред се блокирани. Познавачите на геополитиката во земјата, овие настани оценуваат дека се резултат на нерешавањето на сите прашања во Балканот, што би обезбедиле стабилност, пишува Порталб.мк.

Експертот за меѓународни односи, Селим Ибраими изјави за Порталб.мк дека настаните на северот во Косово се увертира на тоа што останало нерешено од историјата на политиката на Големите сили и внатрешните конфликти помеѓу народите уште од 1978 година.

„Последните случувања се резултат на пропаднатиот дијалог во Брисел уште од 2011 година при што Белград не исполнил ниту еден договор. Косово од своја страна го штити суверенитетот и територијалниот интегритет, а Србија со воените закани ги дерогира кревкиот мир и стабилност во северот. САД и ЕУ исто така треба да го променат досегашниот пристап и да ги препознаат факторите што ја тераат Србија да го дестабилизира Балканот од Косово со помош од Русија и специјалните руски единици“, изјави Селими.

Од друга страна, бившиот амбасадор, Нано Ружин коментирајќи ги овие настани во изјава за Порталб.мк рече дека е неопходно двете земји да ги решат проблемите преку дијалог.

„Инцидентот што во моментов се случува во границата помеѓу Косово и Србија е само индикатор дека стабилизирањето на Балканот сѐ уште не е завршено. Неопходно е двете земји да се договорат околу отворените прашања врз основа на начелото вин-вин (win – win), значи компромис со цел никој да не се чувствува дека е губитник, туку и двете страни да се чувствуваат победници. Се разбира ова е најтешко во нашиот балкански менталитет, често да не сме во состојба да прифатиме компромис. Од друга страна, Европската Унија мислам дека и Фон дер Лајен ќе го каже тоа, не е баш случајна нивната посета на регионов овие денови, дека е неопходна повеќе доверба, соработка, одговорност спрема државите во регионот“, рече Ружин.

Што се однесува до прашањето, како овие случувања ќе служат на иницијативата „Отворен Балкан“ и дали треба Северна Македонија и понатаму да ја поддржува оваа иницијатива после овие настани, Ибраими смета дека, Србија како главна и воена сила во „Open Balkans“ со оваа експанзија ќе го разниша балансот на земјите членки од овој пазар и особено на Северна Македонија, а до одредена степен и на Албанија.

„Владата на Северна Македонија нема спомнато да се повлече од трговската унија со Србија поради силните трговски и економски врски без да ги истакне тука историските. Економскиот пад Северна Македонија го прави Скопје уште позависно од Белград и затоа не очекувам дека Владата на Северна Македонија ќе се повлече било и да е тоа заради некаков конфликт во северот на Косово. Ниту Владата на Албанија нема да ја испушти оваа иницијатива. Општо, агресивната природа на Србија со помошта од Кремљ покажува дека „Open Balkan“ може да им послужи на трети земји за геополитички игри во Балканот и воените потези во косовските граници говорат за милитаризацијата на регионот и засилување на паравоените руски-српски групи во Западен Балкан“, рече тој.

Од друга страна, Ружин е оптимист дека иницијативата „Отворен Балкан“ ќе биде успешен проект.

„Ние како држава успеавме да ги надминеме проблемите, сега имаме многу добри односи и со Албанија и со Косово и со Србија и со Грција, со Бугарија имаме моментални пречки коишто ќе се надминат и визијата на Брисел за Балканот е „Отворен Балкан“. Се разбира дека одредени држави кои имаат проблеми во билатералните односи, особено Косово, дури и да го посакуваат тоа, тие се соочуваат со пречки. За жал тоа ја смалува онаа ширина и би рекол оваа теза за „Отворен Балкан“. Но, кога ќе видиме дека зад овој проект стојат и Албанија и голем број интелектуалци и од Македонија и од други земји, во тој случај, иако на еден начин овој проект  е оштетен со овој спор, сепак тој треба да се анализира на долг рок“, рече бившиот амбасадор Ружин.

Единаесетти ден по ред, српските граѓани, со камиони и други тешки возила ги блокираат граничните премини Јариње и Брњак во знак на протест поради воведување на мерката за реципроцитет за возилата со регистарски таблички од Србија. Владата на Косово го образложи воведувањето на реципроцитетот изјавувајќи дека Србија со години применува иста мерка за возилата со косовски таблички.

Со одлуката на Владата, од 20 септември, сите возила од Србија што влегуваат во Косово, треба да стават привремени таблички. За овие привремени таблички, шоферите треба да плаќаат пет евра и тие важат два месеци.

На граничните премини е распределена и специјалната единица на Полицијата на Косово.

Во меѓувреме, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, коментирајќи ги последните настани меѓу Косово и Србија, рече дека продолжува да биде поддржувач на секој вид на форма на соработка каде што лидерите седнуваат на маса и разговараат за можни решенија. Иако овие ситуации ги оцени како непријатни, тој рече дека иницијативата Отворен Балкан е во корист на граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Температурните разлики се шок за луѓето, летоска можно е да има грмотевични бури

Деновиве се случуваат големи температурни осцилации. Влеговме во пролет со летни температури, а сега имаме ниски температури. Чувствителните луѓе реагираат на овие драстични временски разлики бидејќи организмот не може...