Во Дрисла од денеска нов филтер за согорување медицински отпад


Скопје, 25 април, 2018 - 13:06 (META) 

Од денеска на депонијата Дрисла во функција е новиот филтер на печката за согорување медицински отпад (инсенератор), соопшти градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

– Станува збор за филтер којшто е поставен на инсенераторот за согорување на медицински отпад и кој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксид и други честички кои се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина. Филтерот ќе се користи се до поставување на новата печка на ова место – рече Шилегов.

Печката, како што рече, беше надвор од функција неколку месеци, односно беше под ригорозна контрола на Државниот инспекторат кој дојде до заклучок дека таа не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши и која беше оставена со години да функционира без филтер од страна на претходната власт.

– Наша обврска е да иницираме постапки кои и не се под ингеренции на Градот со цел да испровоцираме реакција на државните органи, а кои се однесуваат на заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот којшто го дишеме. Пред денешното пуштање во употреба беа извршени сите тестирања за работата на филтерот кои покажаа одлични резултати. Просечното количество на издувни гасови на јаглерод моноксид, на азотните и сулфурните оксиди и на ПМ 10 честичките не ги надминуваат сите вредности од Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување на отпад – рече Шилегов.

Тој информира дека дополнително покрај инсталирањето на филтерот со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката досега беше на мазут, а сега е заменета на природен гас.


Бујароска: Од Владата очекувавме повеќе против загадувањето


Скопје, 14 јануари, 2018 - 16:29 (META) 

Посериозно почна да се решава проблемот со загадувањето, но не со брзината со која очекувавме да се остварат барањата нa еколошките организации, вели Александра Бујароска од Фронт 21/42, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

За печката за медицински отпад на депонијата „Дрисла“ таа вели дека во времето кога е инсталирана одговарала и на европските норми, но проблемот е што цели 17 години не е направена нејзина преправка за да одговара на нормите.

-Во 2001 кога оваа печка е дел од системот на Дрисла, важеле малку поинакви правила во однос на животната средина. Она што е важно е дека од 2005-2006, со усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската унија, оваа инсталација имала обврска да ја усогласи својата технологија со најдобрите технологии од областа на согорување на отпадот. Уште во 2013 е издадена дозволата за усогласување со оперативен план, односно еколошка дозвола. Тоа што е страшно е што од тогаш до денес операторот, односно сопственикот на Дрисла не исполни ниту една од мерките за намалување на загадувањето – вели Бујароска.

Таа вели дека не се одвиваат според очекувањата владините чекори за подобра животна средина.

-Можам да кажам дека посериозно почна да се решава проблемот, но сепак не со онаа брзина и со остварување на оние барања што ние ги имавме како граѓански сектор генерално, и не зборувам само за нашата организација, туку и за другите кои дадоа придонес за решавање на проблемот со загадувањето, ние очекувавме многу повеќе – вели Бујароска.


ОЈО отвори предмет против Дрисла за загадување на животната средина


Скопје, 12 јануари, 2018 - 13:52 (META) 

По допрен глас, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за кривично дело, загадување на животната средина и природата, информираат од таму.

„Во насока на утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител испрати барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање потребни податоци во врска со досегашна извршена контрола над работењето на депонијата Дрисла, како и доколку е извршена контрола дали е констатирано почитување на протоколите за согорување на медицински отпад од страна на депонијата и други информации“, се вели во соопштението на ОЈО.

Депонијата Дрисла во 2012 година требало да добие нова печка, но тоа не се случило од непознати причини, информираше денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

– Нашите претходници пред шест години планирале нова печка за согорување на медицински отпад во депонијата Дрисла, но печката не е набавена. За набавката постои и меница од 700 илјади евра која е нереализирана од за нас непознати причини – рече Шилегов.


Во Дрисла ќе се набави воден филтер за инсинераторот за согорување на отпад


Скопје, 10 јануари, 2018 - 16:25 (META) 

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информираше дека, при денешниот вонреден инспекциски надзор на депонијата за комунален отпад во Дрисла, утврдиле дека се почитува решението на ДИЖС за неработење на инсинераторот за согорување на медицински отпад, а примениот медицински отпад се складира во контејнери.

Инспекторатот бил информиран дека во Дрисла, во тек е набавка на воден скрубер/филтер за постоечкиот инсинератор и тој ќе биде инсталиран следниот период.

„Од менаџментот е добиена информација дека сите потребни процедури и документи, дозволи за набавка на нов инсинератор се завршени и согласно склучениот договор се очекува опремата да пристигне до средината на април. Во рок од 45 дена ќе се монтира, а намената на инсинераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија. Се очекува пробната работа да отпочне во текот на месец јуни оваа година“, се вели во соопштението на ДИЖС.

Инспекторатот исто така бил известен дека Дирекцијата за радијациона сигурност извршила мерење на јонизирачко зрачење и било констатирано дека нема зголемено ниво на радиоактивност.


ДОМ бара нова опрема за уништување на отпадот во Дрисла


Скопје, 10 јануари, 2018 - 13:54 (META) 

Демократската обнова за Македонија (ДОМ) смета дека поради загадениот воздух, потребни се интервентни набавки на опрема за уништување медицински и друг биолошки отпад во Дрисла, пречистувачи на воздух, апсорбери на чад од оџаци на домаќинствата, филтри на индустриски оџаци и слична опрема.

Од таму потсетуваат дека финската студија за загадувањето на воздухот во скопскиот регион од 2016 година покажа дека извори се загревањето на домаќинствата (32 отсто ), сообраќајот (20 отсто), градежништвото (19 отсто) и индустријата (18 отсто).

„Затоа од денес до крајот на февруари да важат итните мерки пар- непар, за да биде поефикасен бесплатниот јавен превоз, забрана за тешки товарни возила низ град, забрана за возила под стандард „еуро 4“, затворање на градилиштата, преполнување на производството или затварање на загадувачки погони“, се вели во соопштението на ДОМ.

Во него се додава дека е потребно редовно собирање на отпадот, редовно миење на улиците и зголемени инспекциски контроли на општинските и државните инспектори за животна средина.


Павле Трајанов предлага со дронови да се откриваат загадувачите на воздухот


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:15 (META) 

Демократскиот сојуз предлага со дронови да се детектираат загадувачите на воздух во Скопје и во другите градови со голема концентрација на штетни честички во воздухот, како Тетово, Куманово и Битола.

Од партијата на Павле Трајанов велат дека малиот број на “еколошки инспектори” не можат да се справат со загадувачите на воздух, посебно тие што користат искористено моторно масло или масло за јадење, пластика, гуми, стиропори и други недозволени средства за затоплување или што се користат во процесот на производство, поради што му сугерираат на Министерството за животна средина и просторно планирање да набави дронови и да започне со откривање на загадувачите на воздухот.

„Демократскиот сојуз предлага засилен и постојан мониторнинг над депонијата ‘Дрисла’ за да се спречи загадување при горење на медицински отпад или можно депонирање на друг опасен отпад. ДС ја поддржува идејата на Град Скопје за отворање телефонски број (193) на кој граѓаните можат да се јават и пријават загадувачи на воздух, но сугерираме да се разработи апликација каде можат граѓаните да праќаат и смс и вибер пораки, фотографии, видеа, или маил со информации за загадувачите“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.


Од големите загадувачи, инспекторите утврдиле проблеми и ја казниле само „Дрисла“


Скопје, 4 јануари, 2018 - 14:06 (META) 

Инцинераторот, односно направата во која гори медицински отпад во скопската депонија „Дрисла“ е единствениот од 15-те големи капацитети контролирани од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), за кој во последниов период се изречена казнени мерки.

„Дрисла“ доби казна од 8.500 евра и обврска до средината на февруари да вгради соодветни филтри.

Директорот на инспекторатот, Мирослав Богдановски денеска, презентирајќи ги програмата за работа и буџетот на Инспекторатот во 2018 година ги повика граѓаните на бројот 193 да ги пријавуваат сите случаи на оган на отворено, но и на други извори на загадување на животната средина, порачувајќи дека со зголемениот буџет државниот инспекторат годинава ќе работи засилено.

Инспекторите и по неколку пријави за загадување на територијата на општина Карпош не утврдиле прекршоци, објасни директорот на ДИЖС.

– Во последниот период се направени 15 вонредни контроли на големи капацитети е притоа е изречена една мерка – рече Богдановски.

Буџетот на Државниот инспекторат за животна средина за 2018 година е поголем за 10 милиони денари, односно 60 отсто повеќе отколку во 2017 година, што ќе овозможи вработување нови 6-7 инспектори, а ќе се набави и нова опрема.

За малењето на медицинскиот отпад во Дрисла тој рече дека ќе се врши до средината на февруари само по три часа дневно, и тоа само кога има поволни метеоролошки услови.

– Не можеме целосно да го затвориме, оти тоа е единствениот таков капацитет во земјава, и ќе се јави голем проблем ако се натрупа медицински отпад – рече Богдановски.

 


Отпадот од тетовската депонија ќе се дислоцира во Дрисла или во Русино


Тетово, 21 август, 2017 - 15:41 (META) 

Отпадот од депонијата во Тетово ќе се дислоцира и ќе биде складиран во скопската депонија Дрисла или во депонијата Русино.

Дислоцирањето на отпадот ќе го врши фирмата „Голец Транс“, која, како што соопштија денеска од Владата, е избрана на тендер, кој завршил во петокот, минатата недела.

Фирмата, заедно со Јавното комунално претпријатие „Тетово“ со дислокација на отпадот почнува денеска.

Од Владата информираат дека, согласно одлуката на 17. седница завршена е постапката за решавање на проблемот и со депонијата во Струга, од каде отпадот ќе се транспортира во депонија „што ќе ја договори општинското комунално претпријатие, а сегашната дива депонија ќе започне да се затрупува и ќе биде спроведено нејзино култивирање соодветно на неопходните еколошки стандарди“.


Нема ни „ф“ од фабриката што од отпадот во Дрисла требаше да произведува струја


Скопје, 19 јуни, 2017 - 11:15 (META) 

Сè уште нема ништо од изградбата на фабрика во Дрисла која од отпадот ќе произведува струја, а требаше да биде готова до 2018 година. Имено, инвестициските активности на италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која во 2013 година го доби меѓународниот тендер за расчистување на депонијата Дрисла, требаше да се заокружат со изградбата на оваа фабрика, која требаше да биде готова за пет години.

Во Дрисла нема ниту нова печка за уништување медицински отпад, а нема ни фабрика за уништување индустриски отпад, што беше и ветување од новиот концесионер за преработка на отпадот.

Директорот на Дрисла, Горан Ангелов, во една пригода изјави дека отпадот се третира безмалку на ист начин како и пред депонијата да добие концесионер.

Во рамки на модернизацијата, на депонијата веќе требаше да се почне и со селекција на хартија, стакло, пластика и на метал од комуналниот отпад.

Истражувањето на БИРН покажа дека „ФЦЛ Амбиенте“ немала никакво искуство на ова поле и била формирана само неколку дена пред крајниот рок за доставување понуди на тендерот.

И покрај недостиг од искуство, оваа компанија беше избрана наместо светски водечки фирми, германската „Шолц АГ“ и австриската „АСА Интернешнел“. Откако го изгубија тендерот, тие најавија тужба за „ФЦЛ Амбиенте“.

Денеска и ЛДП обвини дека оваа странска компанија, иако ветила инвестиции од 72 милиони евра, досега не инвестирала ниту едно евро.


ЛДП: Од ветените 72 милиони евра, во Дрисла не е вложено ниту евро


Скопје, 19 јуни, 2017 - 10:30 (META) 

По неколкуте реакции и обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ до министерот Зоран Шапуриќ за непреземање мерки за струшката депонија, неговата партија, ЛДП, денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека не преземала речиси ништо за единствената депонија во Македонија, скопска Дрисла, која, како што вели, исполнува мал дел од стандардите, и не ги реализирала ветувањата за инвестирање во неа.

„Во Македонија постојат 54 депонии од кои, само една – депонијата Дрисла, покрај Скопје, исполнува мал дел од  предвидените национални стандарди.  Во 2005 година, кога министер за животна средина и просторно планирање беше членот на ЛДП, д-р Зоран Шапуриќ, во консултација со домашни и со европски експерти беа усвоени плански документи со кои се предвидува решавање на депонирање на отпадот преку изградба на регионални депонии и со поттикнување на општините да изградат регинални депонии со здружување на сите свои потенцијали. Оттогаш, за 11 години апсолутно владеење ВМРО-ДПМНЕ не покажа никаков интерес за решавање на овој проблем и само неколку дена по заминување во опозиција, преку демагошки пристап, товарот го префрла на новата реформска влада“, се вели во реакцијата од ЛДП.

Партијата вели дека единствениот потег на ВМРО-ДПМНЕ е предавање на Дрисла на странска компанија која ветила инвестиции од 72 милиони евра, а досега не инвестирала ниту едно евро, за разлика од Град Скопје, под управа на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, кој купувал механизација.