Организаторите на протестот „Движење за чист воздух“ денеска го блокираа приодот кон депонијата „Дрисла“ како предупредување до надлежните и побараа одговори на прашањата, што се гори во печките, каков отпад се складира и каков е третманот на овој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите согласно европските регулативи и дали се увезува отпад од други земји.

Тие побараа смена на Правилникот за извршување инспекциски надзор и негово усогласување со ЕУ-нормативата за емисии на диоксини, формалдехиди и фурани. Беше побарано и да се раскине договорот со италијанската фирма-концесионер „ФЦЛ Амбиенте“, поради неисполнување на договореното за „Дрисла“.

„Најголемиот проблем е што најопасниот отпад од целата држава завршува во оваа депонија. „Дрисла“ нема добиено акредитација од Министерството за животна средина за депонирање на таков отпад“, изјави Тони Никушевски, според кого, депонијата Дрисла е една од најкритични точки во Скопје и Македонија кога станува збор за загадувањето.

Според Никушевски, во светот нема легален увоз на опасен отпад. Поради ова, стоката која тргнува од европски центри, или од големи градови кон трети земји каква што е Македонија, не се декларира според Базелската конвенција дека се работи за отпад туку, нагласува активистот, е декларирана како репроматеријал или суровина.

„На тој начин, се одбегнува регулациската рамка и на тој начин опасната стока стигнува до вакви трети земји. Ние не може да знаеме дали  понатаму во државата ќе се увезува таков тип на отпад, се додека не покаже дека има функционални контролни механизми“, додаде Никушевски.

Директорот на детската амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац побара одговор зошто печките на „Дрисла“ се дупло оптоварени од нивниот капацитет и праша што превземаат државните органи, посебно инспекторите, колку често се контролира работата на Дрисла и на печката за согорување на медицински отпад, дали има ноќни ненајавени смени, и дали филтрите се соодветни за фурани и диоксини?

Ариајнит Џафери од тетовската организација „Еко-герила“ го повика премиерот Зоран Заев и Владата итно да го сменат Законот за увоз на отпад, со образложение дека забраната за отпад значително ќе придонесе во намалување на загадувањето, особено во Скопје.

„Има сериозни сомневања за согорување на отпад во „Дрисла“, без соодветни стандарди што е една од причините за аерозагадувањето. Постои лавиринт на нетранспарентност околу тоа, каков отпад навистина се увезува од странство и се согорува во Македонија. Иако во Скопје беа преземени неколку мерки за загадувањето, очигледно е дека не се намали. Сите мерки ќе бидат козметички, доколку не се забрани овој отпад. Македонија нема капацитет да се справува со сопствената количина на отпад. Увозот на отпадот од држави од ЕУ останува сомнеж за корумпираните врски и импликации на интересите на мафијата. Бараме и од Јавното обвинителство да ја испита оваа активност, без влијание на бизнис интересите и политиката“, рече Џафери.

Организаторите на протестот, „Движење за чист воздух“ најавија дека доколку не се решат овие прашања за 15 дена, ќе организираат помасовен протест, со вклучување и на граѓаните.

„Сакаме да им пратиме јасна порака на политичарите – дека не им веруваме. Се повеќе веруваме дека постои нивна вмешаност во овој бизнис, затоа што загадувањето е бизнис, а се помалку веруваме во нивната неспособност да го решат ова. Господа политичари, исчистете си го вашето ѓубре, затоа што пред избори ќе ве поклопи“, изјави Марјан Ненов, претставник на движењето.

Извршниот директор на „Дрисла“ Горан Ангелов пак, по завршување на протестот изјави дека „Дрисла“ не влијае на загадувањето на Скопје, кое е на 11 километри одовде. Тој, исто така се осврна и на сомнежите дека на депонијата се согорува опасен отпад.

„Нашата мерна станица се наоѓа на 100 метри од депонијата и таа не покажува зголемени вредности“, рече Ангелов и додаде дека на Дрисла се согорува само медицински отпад од Скопје и дел од здравствените установи кои вршат дијализа низ државата, лекови со поминат рок и одреден неопасен отпад како кредитни картички и документи, наркотици и слично.

Според Ангелов нема преоптоварување на печката, бидејќи нејзиниот капацитет е 1.400 тони.