Финансиска полиција поднесе кривична пријава за незаконско издавање на А-интегрирана дозвола за „Дрисла“

Депонија „Дрисла“ | Фото: Архива на Мета.мк

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против едно физичко лице за кое се сомнева дека во својство на службено лице- Раководен државен службеник при Министерството за животна средина и просторно планирање во 2021 година ја искористил својата службена положба и издал А-интегрирана еколошка дозвола на скопската депонија „Дрисла“ без да ги исполни условите за тоа.

Според соопштението од Финансиската полиција, раководителот постапил спротивно на членот 108 став 1 и став 8 од Законот за животна средина, и без да биде извршен увид во инсталацијата и нејзината работа, лично изработил и одобрил А-интегрирана еколошка дозвола за депонијата, иако не поседувала соодветна опрема и инсталации за прием и третирање на 22 видови на опасен отпад од вкупно 36 наведени во издадената дозвола.

Како резултат на тоа, се вели во соопштението, во текот на 2021 година во „Дрисла“ биле примени и третирани 16.900 килограми опасен отпад од неколку правни субјекти, со што било сторено кривично дело загадување на животната средина и природата согласно член 218 од Кривичниот законик на РСМ, а „Дрисла“ се стекнала со имотна корист од над 455.000 денари или околу 7.000 евра.