Германската фирма „Шолц“ ќе биде концесионер на депонијата „Дрисла“, објави порталот „СДК“. Бодувањето на понудите на тендерот од 2011 година е завршено и според тоа германски „Шолц“ е прворангиран, а во втората фаза влегле и италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ и австриската „АСА“.
Фирмата „Шолц“ од декември 2016 години е дел од „Чихо енвајорментал груп“ (Chiho Environmental Group), водечкиот кинески рециклир и увозник на мешани метални отпадоци и најголемиот купувач на стари електрични мотори од Европа.
„В среда ќе биде закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје на која единствена точка на дневен ред ќе биде избор на нов концесионер на депонијата. Одлуката ќе биде конечна откако Советот ќе ја изгласа и тогаш ќе бидат соопштени условите под кои идниот концесионер ќе ја управува депонијата“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов
Во моментов „Дрисла“ е под концесијата на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, поради што и германски „Шолц“ со години водеше судски процеси поради нерегуларности во тендерската постапка.
Советниците од СДСМ во градското собрание повеќепати покренуваа расправи откако Управниот суд во два наврати донесе одлука за поништување на тендерот. Но тогашниот градоначалник Коце Трајновски и дирекорот на Дрисла Горан Ангелов го бранеа италијанскиот концесионер.
Дрисла од неодамна повторно е во фокусот, но поради сомневањата дека придонесува за енормното загадување на воздухот.
Иако беше најавено дека ќе биде донесена најсовремена печка за согорување на медицински отпад, таа се уште ја нема, а во меѓувреме се расипа и филтерот кој беше привремено решение додека да биде инсталирана новата печка.