fbpx

Државниот инспекторат не нашол неправилности во погонот за отпад на „Еко клуб 95“

-

Ги видов снимките оти ги имаше насекаде по социјалните мрежи и по медиумите, беше одговорот на Хусни Тачи, државниот инспектор за животна средина на прашањето дали ги видел снимките направени од страна на градскиот инспектор, Мирослав Богдановски во погонот на „Еко клуб 95“ на кои се гледаат расфрлани крвави завои, шприцеви и друг вид медицински отпад, како и животни кои ги јадат отпадоците.

На прашањето, пак, како е можно вака да се третира опасен отпад кој може да го загрози здравјето на оние кои непосредно ракуваат со него, но и на пошироката околина, во легална инсталација со А интегрирана еколошка дозвола, Тачи одговори дека таа компанија воопшто нема А интегрирана еколошка дозвола туку само дозвола за транспорт и складирање и преработка на отпад.

Во извештајот на Државниот инспекторат за животна средина кој беше објавен пред малку, „Еко клуб 95“, фирмата од чијшто погон за преработка и стерилизација на медицински отпад потекнуваат грдите слики објавени од Град Скопје, а Основното јавно обвинителство покрена истрага, поседува важечки дозволи за складирање и транспорт на отпад, а се во постапка на добивање на дозвола и за складирање и трнспорт на неопасен, комунален отпад до 20 тони на ден. Според објаснувањата добиени од Министерство за животна средина, со оглед на капацитетот на инсталацијата, таа не ни мора да поседува А дозвола бидејќи неа ја добиваат капацитети кои преработуваат повеќе од 10 тони отпад на ден. „Еко клуб“, според ова не подлежи на А -ИЕД туку работи во рамките на дозволата за вршење дејност складирање, третман и преработка на медицински отпад и дозволата за транспорт.

Ова се совпаѓа со информацијата што ја добивме од директорот Сашо Јакимовски дека „Еко клуб 95“ од лани е дел од групацијата „Ремондис“ која е мултинационална компанија за работа со отпад и дека ги имале сите потребни дозволи.

Во Извештајот на ДИЖС се вели дека при вонредниот инспекциски надзор, направен два дена откако Богдановски влегол во инсталацијата и ги снимил материјалите кои укажуваат на несоодветно третирање на опасниот медицински отпад, државните инспектори само го задолжиле сопсрвеникот да изврши мерења на емисии на гасови во воздухот од стерилизаторите на отпад кои се наоѓале таму. Иако не е експлицитно објаснето, инспекторите по се изгледа не затекнале состојба како на сликите. И покрај нашето инсистирање, од Инспекторатот денес немаше одговор како е можно за само два дена по вонредниот надзор на постројките на „Еко клуб 95“ направен од страна на градскиот инспектор Богдановски глетката со расфрланиот отпад да исчезне и да биде се во најдобар ред. Оттаму не коментираа ниту зошто вонредниот надзор уследил веднаш откако Градот го пријавил случајот во Јавното обвинителство.

На 14 јануари годинава бил извршен уште еден вонреден инспекциски надзор и било констатирано дека погонот не го загадува воздухот. На 4 февруари инспекторите на ДИЖС повторно биле во објектот каде затекнале еден од стерилизаторите во дефект и две пратки од 980 и 520 килограми нетретиран медицински отпад кој бил подготвен да се носи на согорување во инсенераторот во „Дрисла“.

Според извештајот на ДИЖС, „Еко клуб 95“ лани во Дрисла предал 469 тони неопасен, третиран медицински отпад и околу 4,2 тони отпад за согорување. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера пред новинарите ја изнесе и цената за услугата собирање и транспорт на медицински отпад која Еко Клуб 95 ја наплатувал од медицинските установи од кои го подигал и која изнесувала околу 500 денари по килограм подигнат отпад, а дека на „Дрисла“ по 680 денари за еден тон доставен отпад, коментирајќи дека е јасно од каде фирмата профитира со медицинскиот отпад.

Според важечкиот ценовник на „Дрисла“, еден килограм медицински отпад за согорување чини 385 денари по кутија од 5 кг. Со оглед дека поголем дел од медицинскиот отпад бил третиран односно стерилизиран во печките на „Еко клуб 95“, поголемиот дел од него завршувал на депонија, заедно со друг комунален отпад, по значително пониска цена одошто да бил согоруван како медицински во печката на „Дрисла“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.