Се трага по виновникот кој фрлил медицински отпад кај салата „Борис Трајковски“

Фото: Град Скопје

Во текот на акциите во текот на викендот, екипите на Градскиот инспекторат со поддршка на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ вршеле проверки за непрописно фрлање отпад, при што во контејнер за ѓубре во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ пронашле незаконски исфрлен медицински отпад, соопшти Град Скопје.

Станувало збор за шприцови, а по пронаоѓањето, инспекторите ја повикале специјалната служба на ЈП „Дрисла“, која го презела медицинскиот отпад и го однела во депонијата „Дрисла“, каде што соодветно ќе биде третиран.

Инспекторите почнале истрага за утврдување на сторителот.

Градот Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го одлагаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет. Дополнително, упатен е апел до сите компании кои работат со медицински отпад, да се придржуваат до законските прописи и постапки за одлагање и третирање на овој отпад.

ЈП „Комунална хигиена“ воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните.

Жителите на градот Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“. Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.