fbpx

„Дрисла“ има капацитет да го согори целиот медицински отпад што се создава од корона вирусот

-

Инсенераторот во скопската депонија Дрисла има капацитет да го согори целиот медицински отпад што се генерира од почетокот на кризата со корона вирусот. Капацитетот на постројката од 2,5 тони опасен отпад за 24 часа е сосема доволен за редовен и соодветен третман на отпадот што деновиве се изнесува од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, но и од сите медицински установи во земјава кои згрижуваат пациенти болни од Ковид-19.

Најголем дел од отпадот го подигнуваат тимови на Дрисла, во специјализирани возила и кои според актуелните протоколи носат целосна заштитна опрема. Дел од медицинскиот отпад во земјава подигнуваат и две приватни фирми, кои користат поинаков метод на третман со стерилизирање, ситнење и депонирање.

Според директорот на депонијата, Коста Начевски, кризата со корона вирусот во земјава не го зголеми количеството медицински отпад, со оглед на тоа што освен Инфективната клиника, сите други медицински институции работат со намалени капацитети.

„Дневната динамика на инсенераторот на Дрисла е согорување на околу два тони медицински отпад, со оглед на тоа што количините од пред почетокот на пандемијата не се многу изменети. Тоа значи дека печката со капацитет од 200 килограми на час согорување на медицински отпад, или од 500 до 1.400 тони на годишно ниво, сосема ги задоволува потребите на медицинските установи и со новонастанатата ситуација. Единствената промена е посебната локација на Инфективната клиника, од каде што сега го преземаме отпадот поврзан со Ковид-19, кој е одвоен од другиот медицински отпад. Дрисла има искуство и почитува протоколи во подигнувањето на опасниот отпад и од претходно, а вработените се обучени и соодветно заштитени, вели Начевски.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова вели дека нема нови протоколи во здравствените установи врзани со отпадот, туку се почитуваат стандарните мерки кои важат секогаш.

„Нема потреба за нови мерки, бидејќи инфективниот отпад без разлика дали е од Ковид 19, од хепатитис или од друго инфективно заболување се третира со сериозни и утврдени протоколи кои важат секогаш, не само сега. Третманот мора да биде на највисоко ниво и тоа е запазено и сега. На клиниките во моментов има само нова постапка за облекување и соблекување на лична заштитна облека за медицинскиот персонал. Тоа значи дека единствено медицинските униформи се екстра отпад во моментов, но и тие се третираат како медицински отпад, се пакуваат во жолтите кутии и се согоруваат со остатокот, вели Сотирова-Бухова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинците не си ја продале православната вера, таа е доминантна во Украина

Високи 72 отсто од Украинците се декларираат како православни христијани од кои 54 отсто се приврзаници на автокефалната православна црква на Украина, 14 отсто се идентификувале како православни христијани...