„Дрисла“ набави стерилизатор за третман на медицински отпад

Фото: Град Скопје

Скопската депонија „Дрисла“ купи нов стерилизатор за третман на медицински отпад кој во иднина, наместо да се согорува во инсенератор како досега, ќе се стерилизира и депонира како комунален отпад. Стерилизаторот е од италијанската марка ЦИСА, работи на иновативен, целосно автоматизиран систем, со висока технологија и има капацитет од 2.000 литри, односно за еден час може да третира 350 килограми отпад и да ги задоволи дневните потреби на депонијата.

Дел од опремата на новиот стерилизатор / Фото: Град Скопје

Инвестицијата, сметаат во депонијата „Дрисла“, ќе стави крај на несоодветната обработка на медицинскиот отпад и ќе обезбеди опасниот отпад да не претставува закана за животната средина и за здравјето на луѓето.

„Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер кој го намалува волуменот на отпадот до 80 отсто, со сува вакуум пумпа што ќе  придонесе за заштеда на потрошувачката на вода и до 98 отсто, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува  воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината“, информираат од „Дрисла“.

Дел од опремата на новиот стерилизатор / Фото: Град Скопје

Директорот на „Дрисла“, Коста Начевски пред два месеци во разговор за Мета.мк најави дека депонијата одлучила наместо да инвестира во нов инсенератор, да ја смени технологијата на третман на медицинскиот отпад и наместо согорување да го стерилизира и депонира. На тој начин ќе нема никакви емисии во воздухот и ќе се заштити здравјето на луѓето.

Начевски најави дека депонијата со доаѓањето на стерилизаторот планира да воведе нови стандарди во целиот систем на третман на медицински отпад. Ќе се гради нова хала во која ќе се смести новата постројка и во која ќе работат вработени само од овој сектор кои работат со собирање на медицински отпад и кои ќе ја ракуваат постројката. Тоа, вели Начевски, е европски протокол за постапување со овој тип на опасен отпад и на тој начин смета дека ќе престанат шпекулациите врзани за депонијата и за начинот на кој се третира отпадот.