Јаловиштата се безбедни, нема да ни се случи несреќа како во Бразил, велат надлежните


Скопје, 28 јануари, 2019 - 17:16 (META) 

Трагедијата во бразилската сојузна држава Минас Жераис во петокот, кога поради пробиена брана на хидројаловиште на рудник за железо загинаа 58 лица а над 300 се уште се водат како исчезнати, но без голема надеж дека ќе бидат пронајдени и спасени, ја зголеми загриженоста и во Македонија. Во земјава има  хидројаловишта, а идните рудни концесии предвидуваат и нови.

Во моментов во државата има три рудника кои имаат хидројаловишта и тие се три пати во годината контролирани од страна на Државниот инспекторат за техничка инспекција, вели Ештреф Имери, главен инспектор за надзор над експлоатација на минерални суровини и геолошки истражувања, додавајќи дека се работи за рудници кои се одамна отворени, но дека нивните хидројаловиштата се во потполна контрола.

Тој за „Мета“ изјави дека се води сметка за нивото на водата на браните, која не смее да ја надмине височината од еден метар под висина на браната, но сите брани имаат и дренажа, каде што би се испуштал вишокот вода во случај на зголемување на водостојот.

Во соопштение до јавноста, партијата ДОМ денеска апелираше до сите институции и до целата јавност во Македонија, да не се дозволи вакви несреќи да се случат и во Македонија, каде што има рудници со отворен коп.

„Нека биде бразилската катастрофа поука за сите ,љубители’на рудници со отворен коп“, се вели во соопштението објавено од ДОМ, бидејќи „ниедно злато, сребро, ни бакар, не се вредни за ова!“

ДОМ потсетува дека руднички брани со јаловина се добиваат во рудници со отворен коп, каде во отворени базени се врши лужење или флотација на металични минерални суровини со различни опасни супстанци, за да може да се извлече металот.

„Во бразилскиот случај тоа е железо, а може да биде злато, сребро или бакар, како што планираат разни инвеститори на рудници во Македонија“ порачуваат од ДОМ.

Својата загриженост ја искажаа и еколошките здруженија од струмичкиот крај кои се борат против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица“ во струмичката котлина.

„Во катастрофа на потенцијалниот рудинк Иловица-Штука мртви би биле над 90 отсто од граѓаните во селата Иловица, Штука, Радово, Секирник и Турново. Останатите села во радиус од 8 км би биле ефективно неповратно уништени. Струмичката котлина и градот Струмица би биле контаминирани стотици години и економски уништени. Би ја чинело државата милијарди евра за чистење, санирање, обештетување и меѓународни тужби од Бугарија и Грција“, стои во статусот на Ѓорѓи Танушев, еден од еко-активистите од Струмица, кој е споделуван преку социјалните мрежи.

Во случај на рударска несреќа, Министерството за економија, Државниот инспекторат за техничка инспекција и сите други надлежни институции ќе постапат согласно законските регулативи и стандарди во рударството, се вели во одговорот до „Мета“ од Министерството за економија, во чија надлежност е издавањето концесии и дозволи за отворање на рудници.

Од таму потсетуваат дека, според Законот за минерални суровини „за инсталациите за управување со отпад од минерални суровини од категорија А, концесионерот односно операторот на инсталацијата за управување со отпад, изготвува програма за спречување  на значителни опасности и тој има обврска пред почетокот на работењето со инсталацијата за управување со отпад да изработи програмата за спречување на значителни опасности и да воспостави систем за безбедно управување, како и внатрешен план за итни случаи“.

 


Стотици луѓе исчезнати откако попушти брана во Лаос


Виентиан, 24 јули, 2018 - 12:37 (META) 

Стотици луѓе се водат како исчезнати откако се урна брана во источниот дел на Лаос, а насобраната вода поплави шест села и стотици луѓе се исчезнати, јави државната новинска агенција.

Браната во провинцијата Атапе се урнала синоќа, а а поплавата ги уништила живеалиштата на 6.600 луѓе. Засега официјалната бројка на загинати е десетина, но стотици луѓе се исчезнати.

Браната била пред завршување и наскоро требало да почне производството на струја. Почнала да се гради во 2013 година.

Точната причина за уривањето не е официјално утврдена, но  му претходеле обилни дождови, кои предизвикале поплави на многу места во јужен Лаос.


Најмалку 10 луѓе загинаа во поплава предизвикана од пукање на брана во Кенија


Најроби, 10 мај, 2018 - 10:24 (META) 

Најмалку десет луѓе загинаа, а илјада останаа без домови поради пукање на брана во Кенија. Несреќата која ја предизвикале обилните дождови се случила во градот Солаи, 190 километри оддалечен од претстолнината Најроби.

„Водата одзеде животи и предизвика огромна штета на имотите. Обемот на штета треба да се утврди“, соопштија локалните власти.

Кенискиот огранок на Црвен крст извести дека до сега се спасени 39 лица.


Бочварски: Ветените капитални проекти планирам да ги спроведам


Штип, 26 април, 2018 - 10:27 (META) 

Благој Бочварски, градоначалникот на Штип,  во интервјуто на „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), вели дека нема да се откаже од проектот за брана на Отиња, едно од неговите најголемите ветувања.

Оваа брана со децении беше ветувана и од многу негови претходници, но за разлика од нив, Бочварски вели дека нема намера да се откаже од реализацијата на овој проект што е многу битен за штипјани.

– Кога гледате дека не сум се откажал од браната на Отиња, од која се откажале многу градоначалници пред мене, тогаш треба да им биде јасно на сите дека нема да се откажам од ниту еден крупен проект којшто е важен за граѓаните на Штип – вели Бочварски во интервјуто што го направи Весна Коловска.

Во моментот се работи на ревизија на стариот проект и со изработка на студија, а Општината очекува добивање на градежна дозвола и почеток на градежните работи. Сепак, градоначалникот на Штип не прецизира рокови за конкретна реализација.

Втора од капиталните инвестиции што ги вети Бочварски во изборната кампања беше гасификација со инсталација во должина од 20 километри, за што преку јавна набавка веќе е избрана компанија за проектирање. Од 2019 година се очекува почеток на работите на терен.

Бочварски нагласува дека од почетокот на неговиот мандат Општина Штип работи транспарентно и е достапен за новинарите и граѓанските организации. Одлуките на градоначалникот и на Советот на Општината се објавуваат во Службениот гласник, а на општинската веб-страница е објавена структурата на вработените, без новите раководители, и податоци за контакт со службите.

Прашан зошто не се објавуваат неговите трошења, тој вели дека тоа е така затоа што нема таква алатка за општините.

Во однос на реализацијата на тоа што вети дека ќе го прави, тука се почетокот на работите на детската градинка во населбата Сењак,  првата којашто се гради по триесет години во Штип. Обезбедени се 45 отсто од парите од Бирото за рамномерен регионален развој и 55 отсто од Буџетот на Општина Штип.

Засега не се почнати проектот за изградба на жичара до тврдината Исарот и спортско – рекреативниот центар во Суитлакот. За жичарата, според објаснувањето на градоначалникот, се бара соодветна компанија за проектирање, која може да изработи ваков специфичен проект.

Спортско – рекреативниот центар, во кој е вклучен Аква парк во еден дел ќе зависи од плановите на приватен инвеститор, кој има купено парцели за ваква намена. Бочварски вели дека е во разговори со инвеститорите, по што ќе се знае како понатаму со овој проект, но, извесно е дека Суитлакот ќе остане зелена зона и зона за спорт и рекреација.


Укината задолжителната евакуација на жителите околу браната Оровил


Вашингтон, 15 февруари, 2017 - 11:23 (META) 

Речиси 190.000 лица, на кои им беше наредено да се евакуираат поради опасност од попуштање на браната во близина на градот Оровил во Северна Калифорнија, на која неодамна се отвори дупка, може да вратат во своите домови, соопшти денеска шерифот на округот Бјут, Кори Хонеа.

Наредбата за задолжителна евакуација на 188.000 лица кои живеат низводно од браната Оровил, која беше издадена во неделата, денеска е сменета во предупредување за евакуација, рече Хонеа.


Се повлече водата зад браната во САД, се очекуваат нови поројни дождови


Вашингтон, 14 февруари, 2017 - 14:17 (META) 

Водата зад најголемата брана во САД, на северот на Калифорнија се повлекла, јавуваат американските медиуми.

Инженерите брзо ја исфрлаат водата од преполниот резервоар и го зајакнуваат помошниот преливник на браната на езерото Оровил, пред новиот бран поројни дождови кои се најавени за утре.

Властите соопштија дека ја спречиле непосредната опасност од катастрофално пукање на браната, кое би можела да ги поплави околните места, а нивото на водата да достигне висина и до трикатна куќа.


Најголемата брана во САД пред пукање, итно ќе се евакуираат 180.000 лица


Вашингтон, 13 февруари, 2017 - 10:23 (META) 

Наредена е итна евакуација на најмалку 180.000 лица кои живеат во близина на најголемата брана во САД, кај градот Оровил во Северна Калифорнија поради пукнатини на браната.

Надлежните соопштија дека браната би можела да попушти поради пукнатини кои се отвориле од силниот притисок на водата која надошла по поројните дождови.

– Наредена е итна евакуација на подрачјето околу браната – соопшти локалниот шериф преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека не станува збор за вежба.

Калифорнискиот Завод за водени ресурси објави на „Твитер“ дека се предвидува дека браната ќе попушти во следните неколку часа.

Инженерите уште во четвртокот почнаа да испуштаат вода од акумулациското езеро, кога забележале дека недостига големо парче бетон.

Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун поради поплавите и свлечиштата, побара од Сојузните служби за вонредна состојба да прогласат елементарна непогода.

Браната кај Оровил е висока 230 метри, а градена е од 1962 до 1968 година и е највисока брана во САД.

Пред неколку дена на браната „Оровил“ се појави огромна дупка од околу 80 метри, широка педесетина, а длабока нешто помалку од 10 метри, која и понатаму се шири. Надлежните тогаш тврдеа дека нема опасност за граѓаните кои живеат во близина на браната.


Пронајдено возилото во кое последен пат биле видени сопружниците Стоилкови


Штип, 4 август, 2016 - 17:23 (META) 

На дното на вештачката акумулација Калиманци е пронајдено возилото „форд фиеста“, во кое последен пат се видени сопружниците Тања и Дејан Стоилкови од Македонска Каменица. Стоилкова, чие тело беше пронајдено вчера во Калиманци, според обдукцискиот наод, починала од давање во вода, а биле констатирани повреди на главата, на десната надлактица и на долниот дел од грбот.

На местото каде е лоцирано возилото, длабочината на водата е 10 метри. Неизвесно е дали во него се наоѓа и телото на 41-годишниот Дејан Стоилков.

Според информациите што ги добивме од МВР, вчера, околу 12.10 часот, мајката на Стоилкова во полиција пријавила дека ќерка ѝ заедно со нејзиниот сопруг, со кого имале брачни проблеми, со возило се упатиле кон Делчево. Таа се јавила во полиција бидејќи, како што рекла, при комуникација со нејзината ќерка слушнала вресок и се посомневала дека нешто се случило.

Околу 17.45 часот, полициска екипа забележала тело на жена како плута во водите на Калиманци, а подоцна било утврдено дека ѝ припаѓа на 31-годишната Тања Стоилкова.

Во близина на езерото, како што информираа од МВР, биле забележани траги од возило кои воделе до езерото.

Обдукцијата на телото на Стоилкова била извршена во Делчево, од страна на патолог од штипската болница.

„Телото е идентификувано како 31-годишната Т.С. од село Дулица. Во близина на акумулацијата се пронајдени траги на автомобил, но сè уште не се пронајдени ниту автомобилот, ниту друго лице во водите на езерото. Надлежниот јавен обвинител интензивно работи на расветлување на причините за смртта“, стои во соопштението од Обвинителството.


Обилниот дожд не донесе големи поплави во источна Македонија


Штип, 13 март, 2016 - 15:00 (META) 

Насочувањето на облаците кон јужниот дел на Македонија го спаси кочанскиот и штипскиот регион од поголеми поплави и излевање на реката Брегалница. Во Берово врне снег, додека во пониските делови ситен дожд.

Од претходните врнежи поплавени се земјоделски површини во општината Чешиново-Облешево, а во одбрана на куќите во ризичното село Уларци, превентивно се распоредени вреќи со песок покрај реката Брегалница.

Сепак, врнежливата ноќ ги оставила без сон жителите на селото Чифлик, кое беше поплавено минатата година. Жителите сведочат дека цела ноќ станувале да проверат до каде е водата.

– Стравуваме од нови поплави. Поучени од ланските поплави, цела ноќ станувавме да провериме по дворовите до каде е дојдена водата. Само Господ да не спаси! Немаме каде да одиме, дома сме, па ќе видиме – сведочат жителите на Чифлик.

Според нив од дома ја слушаат бучава од реката што дополнително им внесува паника. Жителите се жалат дека водата за пиење е заматена и не е за употреба. Од Црвениот Крст била доставена пакувана вода, што треба да му се подели на населението.

Од друга страна, институциите смируваат и велат дека состојбата се следи и дека веќе се преземени превентивни мерки.

– Има одлив на водата на повеќе места, но направени се повеќе зафати за заштита – вели Никола Гоцев, директорот на регионалналната водостопанска организација.

Според Гацов, пробиен е одоводниот канал за Чешиново, а со механизација се расчистувани каналите на Злетовска река.

Но, и натаму е отсечено селото Теранци, чии жители понекогаш го користат заобиколниот пат преку Зрновски, или со цел ризик поплавениот пат до Облешево.

Сите погледи се свртени кон браната Калиманци, која прелива веќе неколку дена. Од водостопанство велат дека нема потреба од паника, бидејќи состојбата е под контрола.

Најризично останува штипско Ново Село, каде се поставени насипи. Меѓутоа, според надлежните, доколку дојде до поголем прилив, водата ќе се испушти во нивите во кочанско со цел да се спасат куќите во Ново Село.

Во штипско засега само се следи состојбата, но поголеми излевања на водата нема. Превентивно се покриени бунарите во реката Брегалница, од каде со вода се снабдува градот.


Во Бразил спасени повеќе од 500 луѓе при пукање на брана


Бразилија, 7 ноември, 2015 - 14:46 (META) 

Пожарникарските екипи успеале да спасат 500 преживеани луѓе по пукање на брана на југоистокот на Бразил, каде загинаа 17 лица.

Пожарникарите деноноќно беа во потрага по преживеаните кои биле затрупани под кал и земја, откако во четвртокот пукнала браната.

Одронот на земјата што се случил по пукањето на браната го затрупал селото Бенто Родригес со околу 600 жители, во регионот Минас Гераис.

Најмалку 17 лица загинале, а повредени се повеќе од 50, потврдил шефот на локалната пожарникарна служба. Тој предупредил дека уште 40 лица се водат како исчезнати.