Фото: Укринформ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека градовите и селата што беа повторно заземени од руските сили се опустошени, додека најголемиот град во централна Украина ги засили напорите да ја поправи штетата на својот воден систем од ракетните напади, пренесе Ројтерс.

Градот Кривиј Рих, со проценета популација од 650.000 жители пред војната, беше погоден со осум крстаречки ракети во средата, соопштија властите.

Нападите ја погодија браната на акумулацијата Карачунов, рече Зеленски во видео обраќањето објавено рано во четвртокот. Водоводниот систем „немаше воена вредност“ и стотици илјади цивили зависат од него дневно, рече тој.

Олександр Вилкул, шеф на воената управа на Кривиј Рих, во објава на Телеграм рече дека 112 домови се поплавени, но дека работите за поправка на браната на реката Инхулетс се во тек и дека „поплавите се повлекуваат“.

Руските сили претрпеа неверојатен пресврт овој месец, откако украинските трупи извршија брз удар во регионот Харкив, односно во неговиот североисток, принудувајќи брзо повлекување на руските сили.

Зеленски во средата ненадејно го посети Изиум – до пред четири дена главниот руски бастион во регионот Харкив – каде што гледаше како се подигнува сино-жолтото украинско знаме пред јагленосаната зграда на Градскиот Совет.

„Нашите истражни органи на законот веќе добиваат докази за убиства, тортура и киднапирања на луѓе од страна на окупаторите“, рече тој, додавајќи оти има „доказ за геноцид врз Украинците“.

„Само уништија, само зазедоа, само депортирани. Оставија опустошени села, а во некои од нив нема ниту една преживеана куќа“, додаде Зеленски во видео обраќањето.

Русија негира дека намерно цели по цивили, а Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди извештаите на бојното поле.

Видео-обраќањето на Зеленски беше објавено по неговото враќање во Киев од регионот Харкив и по веста од неговата канцеларија дека неговиот автомобил се судрил со приватно возило во главниот град.

„Претседателот беше прегледан од лекар, не беа пронајдени сериозни повреди“, рече портпаролот на претседателот Серхи Никифоров во објава на Фејсбук рано во четвртокот.

Генералштабот на вооружените сили на Украина во четвртокот соопшти дека руските сили извршиле напади врз неколку населени места на линијата на фронтот во Харкив во изминатите 24 часа.

Сепак, украинските сили продолжуваат да ја консолидираат својата контрола врз новоослободените области во регионот, соопшти британското Министерство за одбрана во ажурирањето во четвртокот.