!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОЈО ја расветлува сообраќајката кај Кичево во која животот го загуби тримесечно бебе


Скопје, 4 јануари, 2018 - 10:01 (META) 

Основното јавно обвинителство Кичево ја расветлува сообраќајната несреќа на магистралниот пат Кичево – Македонски Брод, во којa, животот го загуби тримесечно бебе, информираат од таму.

„Според првичните информации, несреќата се случила кога возачот на патничко моторно возило марка „голф“ со охридски регистарски таблички што се движел од Македонски Брод кон Кичево, направил обид за претекување на товарно возило – влекач со приколка марка ТАВ со кичевски регистарски таблици. При претекнувањето, возилото „голф“ удрило во патничко моторно возило „алфа ромео“ со регистарски таблички од Словенија, што доаѓало од спротивниот правец. На лице место од здобиените повреди починало тримесечно бебе. Патниците на двете патнички моторни возила со тешки телесни повреди се пренесени во медицински установи за укажување натамошна помош“, се додава во соопштението.

По наредба на јавен обвинител од ОЈО Кичево прибрани се траги од лице место. Претстои нивно вештачење, како и сообраќајно техничко вештачење за утврдување на околностите за настанот.


Во Битола првите новороденчиња се машки близначиња, во Куманово и Струга момчиња


Битола, 1 јануари, 2018 - 14:39 (META) 

Во Битола ноќеска точно на полноќ се родиле две машки близначиња, и тие се првите бебиња родени во новата година. Како што информираат од Клиничкиот центар – Битола, по нив на свет биле донесени уште 10 новороденчиња.

Четири бебиња се родиле на првиот ден од новата 2018 година во Куманово, а првото е машко, родено 45 минути по полноќ на Одделението за гинекологија и акушерство во кумановската Општа Болница. Првото бебе ќе го носи името Ерион, а на раѓањето било тешко 3,4 килограми, долго 51 сантиметар. Во новогодишната ноќ се родиле две момчиња и две девојчиња.

Првото бебе родено во новата 2018 година во општина Струга е машко, информираат од Гинеколошкото одделение при струшката Општа болница. Бебето кое се родило триесет минути по полноќ е од Струга и тежи 3.230 кг. По него на свет се донесени уште четири бебиња.

Првото бебе родено во Гостивар во 2018 година е девојче, родено во 5.50 часот во Гинеколошко-акушерското одделение на гостиварската болница, тешко е 3,75 килограми и долго 54 сантиметри.


Шилегов подари 20.000 денари на првото бебе родено во Скопје


Скопје, 1 јануари, 2018 - 14:03 (META) 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска во Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје“ го посетија првото бебе кое се роди во Новата 2018 година.

Првороденото бебе во Скопје во 2018 година е Теодора, која се родила една минута по полноќ, со тежина од 3,7 килограми и должина од 49 сантиметри.  Мајката на бебето е Борјана Радевска и ова и е второ дете.

Шилегов на мајката и семејството им честитал за второто дете и подарил штедна книшка со 20.000 денари и плишано мече.

Шилегов во оваа пригода ја честита Новата 2018 година на граѓаните и им посака добро здравје, среќа и успеси.


Првото бебе во Скопје во 2018 година е девојче


Скопје, 1 јануари, 2018 - 10:09 (META) 

Првото бебе родено во 2018 година во Скопје го здогледало светот во точно 1 минута по полноќ, извести Регионалниот Центар за управување со кризи на Град Скопје.

Станува збор за девојче тешко 3,7 килограми, долго 49 сантиметри, кое е родено на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клинички центар.

Среќната мајка е Борјана Радевска од Скопје, на која ова и е второ дете.


Обдукцијата на бебето пронајдено во Кленоец не утврдила траги од насилство


Гостивар, 10 мај, 2017 - 14:02 (META) 

Основното јавно обвинителство – Гостивар соопшти дека е извршен увид во кичевското село Кленоец, каде синоќа било пронајдено починато шестмесечно бебе, и дека е извршена обдукција, која не покажала знаци на насилство.

Обдукцијата е извршена по наредба на јавен обвинител, а првичните резултати укажуваат дека бебето имало вродени срцеви аномалии, а пред смртта дошло до застој на работата на срцето, што предизвикало белодробен едем и задушување.

На телото не се пронајдени знаци што укажуваат на насилна смрт, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Македонија.


Првото бебе родено во Скопје во 2017 година е машко


Скопје, 1 јануари, 2017 - 10:42 (META) 

Првото бебе што се роди во Скопје во новата 2017 година е момче и беше родено во 4.15 часот во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир.

Бебето е тешко 3 килограми и 400 грама и долго 53 сантиметри, а на свет го донесе Нуредини Рамадан Хикмет, на која ова ѝ е прво дете.

Денеска во 12 часот, мајката и бебето ќе ги посети градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.


Почина трудница во болницата во Штип, лекарите не успеале да го спасат бебето


Штип, 21 ноември, 2016 - 19:18 (META) 

Жена во седми месец од бременоста, со симптоми на труење синоќа била примена на инфективното одделение во штипската клиника, со болки во стомакот и повраќање.

Трудницата набргу била префрлена на гинеколошкото одделение, каде попладнето починала. Лекарите се обиделе да ја реанимираат и неа и бебето, но не успеале.

Трудницата е родена во 1990 година, а ова ѝ била прва бременост. Веста низ Штип молскавично се пренесе, но повеќе детали се очекуваат од истрагата. Телото на починатата е предадено на обдукција.

Од СВР Штип потврдија дека е пријавен случајот. Повеќе информации најавија за утре, откако ќе стигне и извештајот од обдукцијата.


СВР Куманово поднесе кривична пријава против девојка која извршила чедоморство


Куманово, 20 август, 2016 - 13:09 (META) 

Mедицинска сестра од гинеколошко одделение при Општа болница Куманово пријавила во СВР Куманово дека на нивното одделение со обилно крварење е донесена А.М. (19) од с.Матејче, Општина Липково.

Од извршен преглед на лекар-гинеколог е утврдено дека истата се породила во период од 24 часа.

А.М. која што веќе била во поодмината бременоста и за која не постојат податоци дека претходно бременоста и била лекарски контролирана, на 18 август почнала да крвари, по што отишла во тоалет во нејзината куќа каде се породила.

Истата го извадила бебето по што го фрлила во река што поминува зад нејзината куќа. Откако и се влошила состојбата нејзините родители ја пренеле во Општа болница во Куманово.

Со настанот е запознаен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Куманово, по чија наредба од страна на лекар од судска медицина над А.М. ќе биде извршен гинеколошки преглед, а телото на бебето кое било пронајдено ќе биде предадено на судска медицина заради обдукција.

Извршен е комплетен увид на местото на настанот и се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.


Во Тексас почина бебе од вирусот зика


Остин, 9 август, 2016 - 20:39 (META) 

Бебе родено со тешки оштетувања на мозокот поради вирусот зика почина во сојузната американска држава Тексас, што е прв смртен случај од овој вирус во САД, соопштија денеска локалните санитарни власти.

„Бебето почина набрзо по раѓањето. Тоа е прв смртен случај од вирусот зика во Тексас“, стои во соопштението.

Во Тексас се регистрирани 97 лица инфицирани со вирусот зика, од кои две се деца со микроцефалија, оштетување на мозокот и черепот кои може да биде смртоносно.

Засега не постои лек против болеста. Се лекуваат симптомите на инфекцијата, кои наликуваат на грип со висока температура, главоболка и осип по телото. Првите симптоми се појавуваат 12 дена по каснувањето од комарец, кој е главен пренесувач на заразата.

Вирусот е идентификуван во 1947 година во шумите на Уганда. Досега бил најраспространет во подрачјето на Африка, каде има најмногу комарци, но до минатата година не се сметало дека може да предизвика сериозни последици
.


Бебе со микроцефалија родено во Шпанија


Барселона, 26 јули, 2016 - 10:56 (META) 

Шпанка инфицирана со вирусот зика родила бебе со микроцефалија, јавуваат шпанските медиуми, наведувајќи дека ова е прв случај да се роди дете со недоразвиен мозок и со помала глава од обично во Шпанија и во Европа.

Медиумите јавуваат дека лекарите уште во мај кај фетусот откриле микроцефалија, но родителите се спротивставиле на идејата за абортус и побарале мајката сепак да се породи. Родилката соопштила дека се заразила додека била на пат во странство, но не се открила во која земја се случило тоа.
Лекарите соопштија дека виталните органи кај новороденчето се нормални и стабилни, но дека детето се наоѓа под строг и постојан надзор.

Во Шпанија заразени се 190 лица со вирусот зика, од кои 189 се инфицирале во странство, додека еден од заболените се заразил преку сексуален однос.