Од Иницијативата на жените од Шуто Оризари повторно алармираат за немањето на матичен гинеколог во Шуто Оризари, како и за квалитетот на репродуктивното здравје на Ромките од Шуто Оризари. Нивната реакција доаѓа по последниот случај со починатата родилка и нејзиното бебе на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

„Ги повикуваме Државниот здравствен и санитарен инспекторат и надлежните институции темелно да ги истражат причините за смрт кај родилката и нејзиното новороденче, а од Министерството за здравство бараме итно решение за недостигот на матичен гинеколог со што ќе се обезбеди соодветна здравствена заштита на жените од Шуто Оризари“ истакнуваат од Иницијативата на жените од Шуто Оризари.

Тие сметаат дека овој случај остава сомнителен впечаток и дека одговорноста за смртта на родилката и на новороденчето треба да се бара во институциите, системот или во човечки фактор. Од Иницијативата ја изразија својата загриженост за животот на сите жени од Шуто Оризари и токму затоа ги осудуваат индиферентниот однос на институциите за решавање на проблемот до матичниот гинеколог.

Заминувањето на матичниот гинеколог од општина Шуто Оризари во јануари 2020 година е огромен проблем за жените од оваа општина, каде што бројот на жени во репродуктивен период е помеѓу 8.000 и 13.000. Во општина со најбројно ромско население, а воедно и популација со значително повисока стапка на доенечката смртност во однос на другите националности, повеќе од 6 месеци жените немаат пристап до матичен гинеколог, што директно се одразува на нивното репродуктивно здравје, потенцираат од Иницијативата.

Инаку, од Клиниката за гинекологија и акушерство за медиумите тврдат дека лекарските тимови направиле сè што можат за да ги спасат животите на родилката и нејзиното бебе, воедно запазувајќи ги сите процедури. Родилката која во петокот дошла на ГАК за редовна контрола, поради сомнежи на лекарите околу ЦТГ тестот, требало да остане во болницата меѓутоа ја напуштила установата и тогаш започнале компликациите. Откако се вратила во болницата, направен и е царски рез при што е изваден мртов плод, а родилката починала поради компликации со згрутчување на крвта кое лекарите не можеле да го спречат.