Новата сензација во Зоолошката во Скопје: Бебето мармозетче порасна доволно за да се слика и да прави фризури

Фото: Мета.мк

Кога се роди на 26 септември, џуџестото мармозетче беше минијатурно како нокт. Тогаш вработените во Зоолошката градина Скопје рекоа дека е толку мало што дури не се гледа на камера. Сега порасна доволно за цврсто да се држи за неговите родители, да им прави фризури и да позира пред објективот на Мета.мк.

Фото: Мета.мк

„Во Скопје Зоо има два пара мармозети, од кои мажјаците се овде повеќе години, а женките пристигнаа минатата година. Ова е прво бебе џуџест мармозет кое се родило во Скопје“, изјави за Мета.мк портпаролката на Зоо Скопје, Тина Мицковска. Таа ни откри дека полот сè уште не се знае, затоа што е многу мало, па за сега вработените нагалено го викаат Палче или Мува.

Инаку овој вид мајмуни е познат како најмал примат од Новиот свет. Телото на мармозетот тежи околу 100 грама и е просечно околу 13 сантиметри, односно како што вели Мицковска големо е колку една детска дланка.

Тие потекнуваат од Боливија, Бразил, Колумбија, Еквадор и Перу и обично живеат во групи од 2 до 6 мармозети. Се хранат со нектар од пловоди, брашнести црви и други инсекти.

Во мај срцата на посетителите на скопската зоолошка ги стопи и алпаката Дина, која исто така е прво бебе алпака родено тука.