Практиката на некои српски веб-страници што претендираат да се нарекуваат медиуми да пласираат коментари во форма на вест, српската „Србија Данас“ вчера ја поттурна уште едно ниво надолу.

Имено, пренесувајќи ја интегрално веста на српската државна новинска агенција „Танјуг“ за посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Тирана и за разговараното со неговиот албански колега Еди Рама, „Србија Данас“ одозгора во форма на наслов „закачи“ коментар „РАМА ЈА ШИРИ ГОЛЕМА АЛБАНИЈА: Подготвува „КОСОВСКИ ШЕНГЕН“ за СИТЕ соседни земји.

Веста, да потсетиме, преземена од „Танјуг“ почнува со тоа дека на средбата албанскиот премиер Еди Рама се заложил за примена на „Шенгенски модел“ и со Северна Македонија и другите земји на Западен Балкан, а не само со Косово“. Но меѓу цитатот на Рама, дека „Шенгенскиот модел би требало да се прошири во целиот регион, со Косово, Северна Македонија, и Црна Гора, со убедување дека сите држави во регионот ќе влезат во овој процес. Нашите граници мора да станат проодни како границите на Европската Унија“ до тврдењето дека Рама „ја шири Голема Албанија“ нема никакво сврзно ткиво.

Имено, во веста воопшто не се среќава терминот „Голема Албанија“, a во неа нема ни никакво објаснување од каде една заложба за едноставно поминување на границите, кои се уште ќе постојат, ќе значи создавање Голема Албанија.

Значи, и во целиот исказ на Рама нема ниту алузија за некаква си нова проширена држава, ниту пак „Србија Данас“ навела кога Рама зборувал за тоа, со што барем донекаде би се поткрепило во веста коментаторското тврдење од насловот. Со други зборови, со коментар во форма на наслов и сосема различна вест, српскиот новински сајт направи хибрид од коментар и вест, едното како наслов, второто како текст.