!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: Сите надлежни институции се на терен за побргу да се изгаснат пожарите


       
Скопје, 5 август, 2017 - 14:38 (META) 

Криминалното и расипничко владеење на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ зад себе оставија нефункционален систем за справување со кризни ситуации, застарена и запуштена механизација и стара и дотраена опрема во службите задолжени за заштита, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека дури и авионите за гаснење на пожар не биле функционални сè до доаѓањето на новата власт.

„Сепак, дури и во такви тешки услови, сите ангажирани лица на терен, пожарникарите, припадниците на армијата и доброволците, заедно со надлежните министерства и институции, даваат сè од себе за што е можно побрзо локализирање и целосно гаснење на активните пожари, од кои за дел постои сомневање дека се подметнати намерно“, се вели во соопштението.

Од СДСМ порачуваат ВМРО-ДПМНЕ да ги остави надлежните институции да ја работат својата работа и да престане да шири паника помеѓу граѓаните.