ОЦЦРП: Рускиот бизнисмен Иван Савиди стои зад немирите во Македонија за името


       
Атина, 17 јули, 2018 - 9:34 (META) 

Откако премиерот Зоран Заев изјави дека дел од навивачката група Комити добивала пари од руски бизнисмен за да протестира против Договорот со Грција, Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) објави дека според документи од МВР рускиот бизнисмен Иван Савиди кој живее во Грција исплатил 300.000 евра на десетици македонски политичари, членови на новоформираните националистички организации и хулигани навивачи на Вардар.

Овие исплати биле извршени преку над десет македонски политичари од разни партии, членови на неодамна основани радикални националистички организации и фудбалски хулигани од клубот Вардар, кои учествуваа во неодамнешните немири, вели ОЦЦРП.

Иван Савиди е милијардер роден во Грузија, кој сега живее во Грција, но поголем дел од својот живот поминал во Русија и некогаш бил парламентарец на земјата како член на владејачката партија Обединета Русија.

Саввиди или познат и како Савидис стана актуелен во светската јавност откако во март во натпревар од грчкиот шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.

Освен ПАОК, Савидис поседува дел од солунското пристаниште, дневниот весник Етнос, неделникот Етнос, дневниот весник Имерсија, многубројни магацини, тутунска компанија, минерална вода, хотелот „Македонија“, локална телевизија… Според Форбс, тој поседува 1,9 милијарди долари и е еден од 30-те најбогатите Руси.