!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Османи: Предизвикот е да направиме систем за координирање и за надзор на планот „3-6-9“


       
Скопје, 21 јули, 2017 - 14:47 (META) 

„Подготовката на планот „3-6-9“ беше полесната работа. Планот доби широка поддршка како надвор, од нашите меѓународни партнери, така и дома, кај домашната јавност. Но, сега ни е потребна имплементација на 73 мерки за три месеци, во услови на ограниченост од прогласувањето локални избори и од летните одмори. Сега предизвикот е да направиме систем за надзор, координирање и за информирање“, порача вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба со претставници на граѓанскиот сектор, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

Османи додаде дека спроведувањето на планот „3-6-9“ претставува обврска преземена пред меѓународните партнери за откочување на евроинтегративните процеси, но и основен услов за изградба на стабилно демократско општество и европска држава за граѓаните на Република Македонија. Нагласи дека еден од чекорите во остварувањето на планот е и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.

Невладините организации побараа во планот „3-6-9“ да се предвидат точни мерки за тоа како Владата ќе соработува со нив, за тоа да не остане на неформално ниво, како што, според нив, е случај сега.

– Иако има волја за соработка, ние, како граѓански сектор, не можеме да си дозволиме соработката да биде оставена на добра волја – посочи Ардита Абази од Институтот за европски политики.

Османи нагласи дека постои решеност планот да се спроведува сеопфатно.

– Потребно е прашањето на евроинтеграции да го издигнеме на едно надпартиско, надетничко, ако сакате наднационално ниво, по кое нема да има политичко расправање туку консензус. Тоа се покажа успешно на примерот на Хрватска, каде и позиција и опозицијата се договорија политичкиот натпревар да го водат по сите други теми, а по прашањето на евроинтеграциите да се држат до консензусот – рече вицепремиерот Османи.

На трибината учествува бројни невладини организации, претставници на медиуми и претставници од Секретаријатот за европски прашања кои се задолжени за имплементацијата на планот „3-6-9“.