Министерството за внатрешни работи изработило посебна анализа на истрагите за 53 напади на новинари евидентирани од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и утврдило дека во одредени предмети не се остварени дејства и постапки кои требало да бидат преземени во кратки временски интервали за да се добијат валидни резултати. Тоа го нагласил министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната средба со првите луѓе на ЗНМ, информираше МВР.
Спасовски на средбата обелоденил дека имало разлика од истрага до истрага, во зависност од тоа за кој новинар станувало збор. Сепак, Спасовски нагласил дека сега оперативните истражни дејства во МВР се интензивирани и во наредниот период ќе бидат презентирани конкретните резултати.
На средбата, на која една од главните точки било зголемувањето на безбедноста на новинарите, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, порачал дека институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена работа на новинарите и дека Владата треба да воспостави ефикасен систем за казнување на насилниците, со што ќе испрати јасна порака во јавноста дека насилството против новинарите и медиумските работници е неприфатливо, извести ЗНМ.
Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, потсетил дека меѓу напаѓачите на новинари има и припадници на полицијата, кои во изминатиот период напаѓаа новинари на протести. Освен тоа, полицајци беа инволвирани и на инцидентите во Собрание од 24 декември 2012 година и упадот на 27 април годинава, кога полицајци физички напаѓале и им се заканувале на новинари.
На средбата се разговарало и за можноста МВР да води посебен регистар за нападите врз новинари, а била истакната и потребата за подобрување на комуникацијата на полицијата со новинарите во секојдневната работа.
Министерот Спасовски и Селмани, исто така, се договориле да се воспостави поинтензивна комуникација меѓу МВР и ЗНМ, за да може полесно да се решаваат евентуалните проблеми во иднина.