!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Одложено рочиштето за „Траекторија“ поради немање услови за снимање на судењето


       
Скопје, 6 декември, 2017 - 10:51 (META) 

Почетокот на судењето за случајот „Траекторија“ на СЈО, во кое обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и ексдиректорот на Агенцијата на државни патишта, Љупчо Георгиевски, се одложи на барање на одбраната бидејќи во судницата не беа обезбедени услови за тонско и за визуелно снимање на рочиштето.

Адвокатот Еленко Миланов во името на сите бранители побара од судот да ги почитува одредбите од ЗКП и да овозможи тонско и визуелно снимање на рочиштето за да можат, како што рече, сите учесници во постапката и институции да имаат увид во тоа што се случувало на рочиштата.

Судијата Горан Бошевски, кој го води предметот, се согласи и го одложи рочиштето за 18 декември, за кога, како што рече, ќе бидат обезбедени услови.

По завршувањето на рочиштето, Груевски изјави дека денеска бил повикан на суд за нешто што претходно го правела, а и сега го прави владата на СДСМ.

– Имено, владата на СДСМ, за изградбата на хидроцентралата Козјак направила договор во идентична постапка и на идентичен начин и ја исфинансирала изградбата, а сега кога СДСМ е повторно на власт е направен анекс на договорот кој е усвоен во Собранието и е преточен во закон – рече Груевски.

Прашан за договорот со кинеската компанија за изградбата на двата автопатишта, поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека сè било направено според закон, дека бил изгласан во Собранието и за него гласале пратениците на СДСМ, тогаш во опозиција.

Груевски се товари за примање награда за противзаконито влијание, а другите обвинети – за злоупотреба на службената положба и овластувања. Тие, поттикнати од Груевски, во периодот од октомври 2012 до октомври 2013 година, ги искористиле и ги пречекориле овластувањата во постапката за избор на компанија што ќе ги гради автопатските делници Миладиновци – Штип и Тетово – Охрид и на тој начин го оштетиле буџетот за 155.117.256 евра.