Ново оштетување на дел од градското пристаниште во Охрид


       
Охрид, 3 декември, 2018 - 16:24 (META) 

Последното големо невреме што го зафати Охрид предизвика ново оштетување на дел од градското пристаниште. Од Kапетанијата објаснуваат дека оштетувањето не ја загрозува стабилноста на објектот и додаваат дека веќе се известени надлежните органи во градот.

Градското пристаниште со тек на време попушта под налетот на брановите. Последното оштетување е голема пукнатина на пристапниот дел, која настана по големото невреме, кое го зафати Охрид во март годинава. Сопствениците на пловни објекти велат дека станува збор за стар објект кој датира од далечната 1938 година, на кој му е неопходна поопширна санација и посочуваат дека со секое ново невреме, оштетувањата на пристаништето стануваат поголеми.

– Разјадено е, уништено. Како што гледате од брановите кога беа, цело лето помина и зимата ќе фати, уште ништо не е направено – вели кајчарот Ираклија Каневче.

Неговиот колега Ристе Попоски се согласува дека несанирањето на оштетувањата создава неубава слика за градот.

-Имало случаи кога туристите се шетале, па пропаднале, се сопнале во таа дупка. Не е убава слика и за градот како туристичко место. Во Европа една коцка да фали, ќе ја стават каде што треба – вели Попоски.

Пукнатината на пристапниот дел на пристаништето кој служи за спуштање на кајчиња, глисери и други помали пловни објекти, не ја загрозува стабилноста на објектот, велат од Капетанијата на пристаништа на Република Македонија. Посочуваат дека оштетениот дел може да се санира со помал зафат.

– По самиот кејски ѕид, односно пристанишен ѕид, постојат дупки и девијации кои мора да се избегнат, за горните камења да не паднат во тие вдлабнатини. Исто така, голема е потребата и од негова надградба, бидејќи од година во година имаме сè повеќе пловни објекти кои треба некаде да бидат сместени – вели Горан Устијаноски, првиот човек на Капетанијата.