Научно видео од 2015 година злоупотребено за да се шират теории на заговор

Можеме да заклучиме дека луѓето не се разболуваат ниту од антените за мобилна телефонија, ниту од графен оксид. Тие на никој начин не се поврзани со пандемијата и вакцините против ковид-19

-

Луѓето не се разболуваат ниту од антените за мобилна телефонија, ниту од графен оксид. Тие на никој начин не се поврзани со вакцините против ковид-19. Објавата што ја анализираме користи научно видео од 2015 година, осум години пред да се појави коронавиурусот, со цел да шири дезинформации за составот на вакцините, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на Фејсбук споделува видео за кое тврди дека прикажува како графен оксидот наводно содржан во вакцините, реагира на 5Г мрежата.

Графен оксидот реагира на 5G бранови.
Оваа супстанца е во инјекциите (најверојатно не во сите серии) и навлегува во мозокот. Замислете што ќе се случи кога 5G ќе започне со полн капацитет на 64 GHz, стои во објавата.

Нашата проверка покажа дека видеото е старо осум години и дека нема никаква врска со вакцините и нивниот состав. Ова видео и во 2021 година било злоупотребено со цел да се шират невистини за ковид-вакцините и таквите информации биле дебанкирани од страна на Политфакт.

Како што пишува Политфакт, на 9 февруари 2015 година, Stanford Complexity Group, иницијатива проучувањето на сложени системи да се приближи до пошироката публика, објави видео на Јутјуб со наслов „Самосклопување на жици“. Видеото беше опишано како „истражување на фасцинантен систем за самоорганизирање“.

Нараторот во видеото објаснува дека јавноста ќе види експеримент смислен од професор по физика на Универзитетот во Илиноис, со помош на метални топчести лежишта за проучување на самосклопувачките жици. Металните топчести лежишта се ставаат во петриев сад наполнет со рицинусово масло. Петри садот има метален прстен на работ со негативен полнеж. Кога жица со позитивен полнеж, поврзана со извор на енергија, е обесена над Петри садот, електроните се „распрснуваат надолу“ на топчестите лежишта. Кога се применува напон, топчињата почнуваат да формираат синџири.

Па, наспроти тврдењето во објавата, видеото нема никаква врска со вакцините, а уште помалку прикажува како графен оксидот во нив реагирал на 5Г мрежата.

5Г технологијата и вакцинацијата не се поврзани

Вистиномер досега повеќепати има пишувано дека 5Г мрежата нема никаква врска со вакцините против ковид-19 и дека тие не содржат графен оксид.

Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, не e поткрепена со никакви факти и е невтемелена во реалноста. Таа особено се засили во време на ковид пандемијата.

„Вистиномер“ веќе има пишувано за петте најголеми дезинформации за поврзаноста на 5Г мрежата и коронавирусот кои се ширеа по социјалните мрежи во земјава, а кои најчесто се преземаа од странски сајтови и се повикуваа на непроверени извори. Се отиде до таа мера да се тврди дека коронавирусот е измислен за да им се стават чипови на луѓето!

Што се однесува до составот на вакцините против ковид и тврдењето дека тие содржат графен оксид, тоа исто така не е точно. Вистиномер и на оваа тема веќе има пишувано.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс.

И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид.

Вистинските состојки на вакцините се јавно достапни на веб-страницата на Центарот за контрола и превенција на болести.

Од сето ова можеме да заклучиме дека луѓето не се разболуваат ниту од антените за мобилна телефонија, ниту од графен оксид. Тие на никој начин не се поврзани со пандемијата и вакцините против ковид-19. Објавата што ја анализираме користи научно видео од 2015 година, осум години пред да се појави коронавиурусот, со цел да шири дезинформации за составот на вакцините. Според тоа, објавата ја  оценуваме како невистинита.

Tешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола, три лица го загубија животот

Утрово се случи тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола во којашто три лица го загубија животот, а едно е тешко повредено. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп...