„Земјоделците се соочуваат со проблем поврзан со откупот на земјоделските производи. Во моментов алармантна е ситуацијата со производителите на праски“, изјави на прес-конференција Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека голем дел од родот пропаѓа, а земјоделците претрпуваат штета.
– Информациите што ги имаме велат дека се засегнати сите производители на праски кои имаат проблем и со откупот и со цената на праските. Минатата година родот се откупуваше без проблеми, а цената на праските изнесуваше 35 денари за еден килограм. Цената достигнуваше до 50 денари за еден килограм за прва класа праски. Годинава постои реален проблем со откупот, а цената се движи околу 20 денари“, изјави Костадиновски.
Тој апелираше владејачката партија да не ги игнорира реалните проблеми на земјоделците.