fbpx

Јанева и Фетаи казнeти по 2.000 евра оти судијката Михајлова ја нарекоа „фалсификатор“

-

Судијката Татјана Михајлова денеска го прекина судското рочиште за случајот со насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во кој се обвинетите поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и уште 15 лица, и ги казни по 2.000 евра обвинителките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева и Фатиме Фетаи за „елементарно непочитување на судот“.

Обвинителката Фетаи, откако не ѝ беше даден збор од Михајлова, стана и на судијката ѝ рече дека не е дојдена во судот за да види колку е убава, а потоа ја обвини Михајлова дека направила фалсификат со записникот од претходното рочиште.

– Вие во записникот од претходното рочиште сте направиле интелектуален фалсификат. Ја бараме аудиовизуелната снимка за да поведеме кривична постапка против Вас, оти Вие во записникот од 16 декември 2016 година невистинито имате наведено дека јавноста е исклучена од судницата единствено во делот кога се слушаат снимките од прислушуваните разговори, а всушност новинарите беа истерани и кога јас како обвинител на СЈО се произнесов за моите аргументи за употребливоста на „бомбите“ како доказ – рече Фетаи, додавајќи дека ќе ги повика новинарите како сводоци во кривичната постапка против Михајлова.

По ова, стана и Јанева, која ја обвини судијката дека „не знае да води записник“.

– Треба да се срамите што го носите звањето судија и в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 – рече Јанева.

Михајлова, по ова, го прекина судењето со образложение дека нема услови за одржување на процесот. Таа наложи во записникот да биде нотирано дека целокупниот материјал од денешното рочиште со сите списи ќе се достават до Советот на јавни обвинители, кој, како што рече, е надлежен врз СЈО.

На ова реагираше Фетаи, која рече: „Советот не е надлежен врз СЈО, Вие само продолжете да го кршите законот“.

Груевски и неговиот адвокат Никола Додевски, по излегувањето од судот, рекоа дека денешното рочиште повеќе наликувало на театар, отколку на вистинско судење.

За насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година и за нарачаните шлаканици за градоначалникот Андреј Жерновски, покрај Груевски, обвинети се и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 други лица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За една година, бројот на случаи на морбили во светот речиси се удвоил

Бројот на случаи на мали сипаници ширум светот речиси се удвоил од 2022 до 2023 година, покажува ново истражување, што претставува предизвик за напорите за елиминација во многу земји,...