Генералниот секретар на Обединтетите нации, Антонио Гутереш, ја почна итната посета на Сомалија, која изминатите неколку недели е зафатена од глад поради суша, јавуваат светските медиуми.
„Луѓето умираат. Светот мора да дејствува за да се спречи тоа. За ова мораме да зборуваме најгласно што можеме. Конфликтите, сушата, болестите, климатските промени… Оваа комбинација е кошмар“, изјавил Гутереш во пресрет на посетата на Могадишу, главниот град на Сомалија, и побарал меѓународна поддршка на Обединетите нации за пружање хуманитарна помош во земјата.
Гутереш денеска ќе се сретне со новоизбраниот претседател на Сомалија, Мохамед Абдулахи Мохамед.
Сомалија, со Нигерија, Јужен Судан и со Јемен, е една од четирите земји во кои е прогласена состојба на глад и за кои генералниот секретар на ОН минатиот месец побара помош од 4,4 милијарди долари.
Минатиот викенд во Сомалија за само 48 часа од глад починаа 110 лица.
Обединетите нации проценуваат дека на околу 5 милиони луѓе во Сомалија им е потребна помош, за да се избегне глад од катастрофални размери.