fbpx

Жителите на Штука и Иловица поставија блокади и за археолозите, се плашат дека рудникот ќе се гради

-

Жители на Штука рано утринава го блокираа приодот кон локацијата на која веќе една недела се одвиваат археолошки ископувања на просторот опфатен со концесијата за изградба на рудник за бакар Иловица – Штука. Според информациите кои „Мета“ ги доби од локалното население, блокадата започнала во 5 часот изутрина, при што им бил блокиран пристапот на археолозите  на Заводот за заштита на споменици и Археолошкиот музеј од Струмица и на работниците ангажирани од страна на „Еуромакс Рисорсис“, кој е концесионер на рудникот.

– Продолжуваме и утре и ќе бидеме таму колку и да е потребно, се додека не се прогласи мораториум на отпочнатите активности и се дури не се одземе истечената концесија на инвеститорот – вели Милена Зафирова, активистка на „Младите на Штука и Иловица против рудникот“.

Крум Велков, еко активист од Струмица, вели дека ова е прва, „пробна“ блокада и порака и до „Еуромакс“ и до Владата во најскоро време да го донесат потребното решение.

– Во спротивно, блокадите ќе траат без прекин додека не биде одземена концесијата за рудникот – додава Велков.

Активистите ќе се обратат и до Владата и до Министерството за култура за да добијат одговор како се издадени дозволите за археолошки ископувања на струмичкиот Музеј, комплетно финансирани од страна на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, чијашто концесија веќе е истечена и кој нема добиено од Владата дозвола за експлоатација на рудата. Тие најавуваат дека ќе бараат случајот да го истражи и Антикорупциската комисија.

Имено, „Еуромакс Рисорсис“, како што пишуваше „Мета“, најави дека ќе ги финансира активностите на Археолошкиот музеј од Струмица на теренот кој е опфатен со концесијата на рудникот со 100 илјади евра, а најави дека ќе финансира и други активности на Музејот.

Локалното население не беше информирано ниту од страна на концесионерот, ниту пак од локалните или од централната власт за намерите на ридовите над нивните села да се вршат археолошки истражувања, па тоа создаде стравувања дека „Еуромакс Рисорсис“ сепак почнува да го гради рудникот.

Стравувањата кај локалното население дека не се работи за археологија туку дека им се подготвува отворање на рудникот зад грб ги подгреало и тоа што денес на терен била донесена и тешка механизација – багер.

– Кој видел архелози да работат со багери – прашуваа денес насобраните граѓани.

Побаравме одговор од Владата што ќе преземе за разрешување на проблемот со рудникот Иловица-Штука кој веќе подолго време ги зоврива тензиите меѓу жителите во струмичкиот крај, но тој не пристигнаа до објавувањето на текстот.

Од „Еуромакс Рисорсис“ добивме електронски одговор дека нивен приоритет е безбедноста на населението на Иловица и Штука и на луѓето кои работат за нив и за Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Струмица како и дека ќе ја следат ситуацијата и со надеж дека археолозите ќе може да продолжат со работата со мнозинска согласност од заедницата.

Од компанијата тврдат и дека се сретнале со „претставници на заедницата и дека ја објасниле програмата за работа, како и дека Музејот ги спроведува работите со дозвола од надлежните институции.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...