Фото: Архива на Мета.мк

И покрај тоа што летово не сообраќаа брзиот воз Скопје-Приштина-Скопје и експресните возови за Белград и Солун, Железници на РСМ-Транспорт едвај го одржува актуелниот возен ред со само 15 предвидени поаѓања на возови дневно од скопската железничка станица. Изминатово лето 40 дена не сообраќаше патничкиот воз меѓу Скопје и Кочани поради поправка на расипаната локомотива што го влечеше овој воз, а немаше замена на друга локомотива за одржување на релацијата.

Главниот проблем со кој се соочува железничкото претпријатие е сервисирањето на набавените шест кинески возови. Една од дизел моторните гарнитури е надвор од сообраќај од 2018 година, а проблеми со одржувањето има и кај два други воза, по еден дизел и електро моторен воз. Како последица на повременото испаѓање од сообраќај на кинеските возови, од претпријатието се приморани да пуштаат локомотиви со патнички вагони за одржување на релациите, но и нивниот број е ограничен, поради потребата од одржување и на товарниот железнички сообраќај.

Од Железници на РСМ-Транспорт за „Мета.мк“ објаснуваат дека велат во декември минатата година нивна делегација одржала состанок со кинеската компанија ЦРРЦ, која е производител на гарнитурите.

– На состанокот е разговарано за активностите што треба да ги преземе кинеската компанија за да се оспособат горенаведените гарнитури за сообраќај. Но, поради состојбата со ковид-19 и неможноста стручна екипа од Кина да допатува во Скопје, сите активности се ставени во мирување – се вели во одговорот на Железници на РСМ-Транспорт.

Инаку, паралелно со пуштањето во сообраќај на кинеските возови, железничкото претпријатие пред четири години ги стави надвор од сообраќај дотогашните дизел и електро моторни гарнитури, со кои се одвиваше патничкиот железнички сообраќај. Некогашните гарнитури „Горбачов“ се расипаа по масивниот бран на бегалци, коишто беше превезувани со овие возови во 2015 година. Шпанските дизел гарнитури пак исто така се гаражирани во депото „Лисиче“ и чекаат на обнова, но за што се неопходни финансиски средства што претпријатието во моментов ги нема.

Од Железници на РСМ-Транспорт појаснуваат дека сите возови се ставени во полн капацитет, но и дека се случува поради преголема искористеност на возниот парк да се случи дефект на воз, но веднаш се пристапувало кон санација и отстранување на дефектот.

Инаку, железничкото претпријатие уште од минатото лето преговараше со кинескиот производител за да си ги исполни обврските од склучениот договор за набавка на шесте возови, во делот на надминување на техничките недостатоци на гарнитурите. Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев минатото лето изјави дека половина од набавените гарнитури од Кина се неисправни и дека не е извршен технички прием на гарнитурите. Но, проблемите со кинеските возови останаа актуелни и нерешени до денешен ден.

Македонија е првата земја во Европа што се одлучи да набави возови од Кина за железничкиот сообраќај. Покрај шесте дизел и електро моторни возови за патнички сообраќај, од оваа земја се набавија и четири електрични локомотиви што се користат првенствено за одржување на товарниот железнички сообраќај.