Не само еден, туку половина од шесте нови кинески гарнитури веќе се неисправни. Оваа информација ја објави вицепремиерот Кочо Анѓушев во вчерашното интервју за телевизија „Сител“. Новите возови веќе четврта година по ред сообраќаат без извршен технички прием, поради тоа што од кинескиот производител се доставени со помалку седишта за патниците од она што било предвидено во тендерската документација при набавката на возовите.

– Имаме проблеми во железничкиот сообраќај. Се надевам дека тоа ќе се надмине со локомотивите кои ги чекаме да дојдат од Кина – изјави вицепремиерот Анѓушев. Сепак, тој дополни дека и доставувањето на набавените четири електрични локомотиви доцни. Само една од четирите локомотиви е доставена од кинескиот производител, додека преостанатите три треба да пристигнат во наредните месеци.

Лошата состојба во која се наоѓа возниот парк на Железници – Транспорт веќе предизвика укинување на експресниот воз „Хераклеа“ на релацијата Скопје – Битола – Скопје, кој не сообраќа од август минатата година. Повремени откажувања има и кај брзиот воз Скопје – Приштина – Скопје поради недостаток на дизел локомотиви, кои се стари над 50 години.

Од Железници за „Мета“ велат дека има откажани патнички возови во изминатиов период, но нивната бројка не надминува 5 отсто во однос на вкупниот број на железнички линии предвидени во возниот ред. За поправка на новите кинески гарнитури се потребни поголеми финансиски средства и стручна помош од кинескиот производител, за што подолг период од железничкото претпријатие бараат зголемување на износот на средства што го добиваат од државата.

Од Министерството за транспорт и врски денеска за „Мета“ изјавија дека годинешниве субвенции за Железници се рекордни. За покривање на загубите во патничкиот железнички сообраќај од државниот буџет ќе се исплатат 430 милиони денари, односно за 15 милиони денари повеќе од лани.

– Како ќе ги наменат парите, тоа е нивна работа – велат од Министерството за транспорт и врски, не сакајќи дополнително да коментираат за управувањето на железничкото претпријатие со овие средства.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев веќе најави дека решението за сегашните проблеми е приватизација на Железници – Транспорт. Избран консултант во моментов врши анализа за бизнис сегментација на државниот транспортен оператор, по што до крајот на годинава ќе се знае на кој начин ќе се преструктуира Железници – Транспорт, по кој модел ќе се врши приватизацијата и кој сегмент од ова претпријатие би се понудил на приватен партнер.