fbpx

Поради корона кризата, меѓународните возови од Скопје летово воопшто не сообраќаа

-

Меѓународниот воз „Хелас експрес“ од Солун за Белград денеска за последен пат требаше да мине низ скопската железничка станица. Сепак, возовите за Солун и Белград од Скопје годинава воопшто не сообраќаа во летниот период. Поради тоа што корона кризата ги затвори границите со Грција и Србија, овој воз не отпатува ниту еднаш до својата крајната дестинација од почетокот на јуни до крајот на септември. На дневно ниво не сообраќа ниту брзиот воз меѓу Скопје и Приштина, така што оваа сезона железницата ќе прокнижи голема нула кај бројот на превезени патници во меѓународниот железнички сообраќај.

Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека нашата железничка управа ги ставила своите човечки и технички ресурси на располагање за одржување на меѓународните возови. Здравствените услови со корона вирусот го направија главниот проблем, но од Железници потенцираат дека постои проблем и со техничките услови за сообраќање на возовите.

– Од страна на „Србија воз“ нѝ беше испратен допис во кој се вели дека немаат економска исплатливост на одржување на меѓународната линија. Заради тој факт, а имајќи предвид дека и состојбата со ковид-19 ги затвори границите за превоз на патници, оваа линија не се воспостави – се наведува во објаснувањето од Железници на РСМ – Транспорт.

Тие дополнуваат дека од Претпријатието за железничка инфраструктура на Србија добиле известување за почеток на реконструкцијата на пругата меѓу Ниш и Брестовац, што во наредниот период ќе доведе до целосен прекин на патничкиот железнички сообраќај.

Инаку, брзиот воз меѓу Скопје и Приштина сообраќаше само неколку дена во текот на март годинава, по што беше привремено укинат поради затворањето на границите меѓу нашата земја и Косово со појавата на ковид-19.

Македонија веќе неколку години наназад нема редовна железничка линија кон соседните Солун и Белград во текот на целата година, првенствено поради тврдењето на „Србија воз“ дека сообраќањето на овој експресен воз е неисплатливо.

И додека меѓу земјите од Балканот бројот на патници кај овој вид на транспорт постојано опаѓа, меѓународниот железнички превоз во земјите-членки на ЕУ станува сè попопуларен во изминативе години, со над 153,4 милиони патници превезени само во 2018 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деградиран рускиот свештеник што ја водеше комеморацијата на Навални

Рускиот свештеник кој ја предводеше комеморацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални е деградиран од водечките црковни служби и му е наредено да отслужи тригодишно „покајание“, пренесе Гардијан. Свештеникот Дмитриј Сафронов...