fbpx

Здравство во 2022 година: Годината мирна, болестите – хронични

-

Во здравството минатата 2022 година ја одбележаа низа случувања, од кои првиот беше промената на министрите уште во јануари. Така, наследник на Венко Филипче, кој го водеше ресорот четири години, стана Беким Сали од политичката партија Алтернатива.

Во текот на целата година, како и неговиот претходник, Беким Сали мораше да се справува со пандемијата која сè уште е во тек. Со таа разлика што во 2022 година заштитни мерки речиси и да нема, граѓаните се опуштија, ретко кој може да се види со маска на лицето заради пандемијата. Ординациите се полни со пациенти со симптоми многу слични на оние на ковид, но, сепак, ретко кој се тестира.

Согласно досегашните податоци на Институтот за јавно здравје, 2022 година заврши со вкупно 9.608 смртни случаи како резултат на ковид-19 од почетокот на пандемијата, 335.590 оздравени пациенти, само 204 активни случаи, но и 21.141 реинфекции. Иако дневните стаитистики веќе одамна не се објавуваат, сепак, многу веројатно е дека ковид ќе биде наше секојдневие и во оваа 2023 година.

На почетокот на минатата 2022 година, откако учениците појдоа на училиште на 1 февруари, постепено ковид-бројките почнаа да растат, што беше причина здравствените власти да направат скрининг во училиштата за да видат со каков интензитет се одвива ширењето на вирусот, односно да видат колку има асимптоматски случаи. Бројките од тој скрининг беа нереални бидејќи излезе дека од 800 тестирани ученици, само осум беа поизтивни. Разочарувачки беше фактот дека од десетици илјади ученици, согласност за тестирање дадоа само околу 5.000 родители. Па оттука, под знак прашалник беше ставена релевантноста на целиот скрининг.

Во ресорот здравство, големо внимание во јавноста годинава предизвика документарната емисија која ја обелодени ИРЛ , при што беа објавени обвинувања дека клиниката „Жан Митрев“ вршела клиничка студија со методот на хемофилтрација без да пријави, и без соодветно да ги информира пациентите. Обвинителството отвори предмет за овој случај, а од клиниката тврдеа дека се работи за невистини. Министерот Сали кажа дека чувствува длабока одговорност и е решен овој случај да се истера до крај и да добие разрешница. Разрешницата најверојатно ќе ја видиме во оваа 2023 година.

Иако ветија, здравствените власти и минатата година ги оставија децата со дијабетес без сензорите за мерење гликемија, кои им се неопходни во нивното секојдневие. Србија, Хрватска, Црна Гора, Грција, набавија сензори, а нашите деца и понатаму си ги боцкаат прстите за да можат да измерат шеќер во крвта. Откако министерството го поништи првиот тендер, Асоцијацијата за детски дијабетес, на крајот на октомври побара од надлежните итно да ги набават овие сензори. Петта година изминува откако е поднесено првото барање за набавка на сензорите. Ветувања дека ќе се набават имаше од министерот Филипче, како и од Сали, но прашањето до денеска, не е решено.

Минатата година ја одбележа и првата трансплантација на црн дроб во земјава. Шеестгодишниот пациент со хронична болест на црниот дроб, доби здрав орган од пациентка со мозочна смрт, чие семејство се согласи да ги донира органите. Во изминатиов период се случија повеќе трансплантации, а првата на срце беше изведена на Клиниката за кардиохирургија во 2020 година.

Здравството во континуитет низ годиниве е исправено пред низа проблеми. Младиот кадар си заминува на работа надвор од земјава, па тешко се наоѓа соодветен кадар кој ќе работи во болниците и ординациите, а овој проблем е изразен посебно во помалите градови и во руралните средини.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...