fbpx

Тмурна 2022 година: граѓаните немаат доверба во судството, борбата против корупцијата неуспешна

-

Судството во Северна Македонија и во текот на 2022 година продолжи да биде мета на сериозни критики поради скандалозните одлуки, кои со право кај граѓаните создадоа една перцепција дека во оваа мала земја се казнуваат само оние немоќните. Борбата против корупцијата пропадна, и поради тоа меѓународната заедница и оваа година испрати критики до РСМ, а младите си заминуваат во потрага по место каде државата се однесува еднакво кон сите, пишува Порталб.мк.

„Пријателството” меѓу судството и корупцијата

Тие што несат одлуки во име на народот ја немаат неговата доверба. Во последната анкета на ИРИ спроведена во периодот септември-октомври 2022 година, само 4 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле дека имаат целосна доверба во судството. И во тек на претходната година, поточно во 2021 година, граѓаните се изјасниле дека немаат доверба во судството. Според aнкетата на „Евротинк”, само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството.

Ова покажува дека земјата не ги прави потребните реформи и чекори за да ја врати довербата на граѓаните во правосудниот систем, доверба која во тек на годините е сè помала поради политиката на неказнивост на криминалот и корупцијата на високо ниво.

И во текот на 2022 година судството најмногу се спомнуваше во контекст на соработката со криминалот и корупцијата, а не за борбата против нив. Не случајно американската амбасадорка веднаш по пристигнувањето во РСМ  ја нарече корупцијата црна точка на земјата и, поради оваа причина, го најави доаѓањето на специјален тим од САД за поагресивно истражување на корумпираните функционери, кој ја посети нашата земја, но не се знае како ќе постапи понатаму.

Но, според Kомисијата за спречување на корупцијата доаѓањето на овој тим подразбира неуспех за политиката на Северна Македонија, бидејќи не сме ги исполниле нашите обврски. „За да ти дојде еден таков тим од Америка, значи дека сме го допреле дното“, велат од Антикорупциска.

И Стево Пендаровски, во своето годишно излагање во Собранието на РСМ се осврна на доаѓањето на американскиот тим и рече дека реалноста е оти никој од странство нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија ако тоа не го сторат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните. Тој нагласи дека сè додека криминалците не се стават во затвори од затворен тип и сè додека корумпираните судии и обвинители се на слобода, правда нема да има.

„Ако природата беше корумпирана, вака ќе изгледаа јаболката“, фото: архива од герила акција во Скопје

Во извештајот на организацијата „Фридом Хаус“ за земјите во транзиција, објавен во април оваа година, Северна Македонија беше рангирана во групата хибридни режими/демократии во транзиција. Нема подобрување.

Oрганизацијата Транспаренси Интеренешенел во јануари оваа година го објави годишниот извештај за Индексот на перцепција на корупцијата во светот во кој беше истакнато дека Северна Македонија има индекс 39, заедно со Косово, и е во долната половина на табелата од 180 земји во светот.

Токму поради нивото на корупција, четири од десет млади луѓе би ја напуштиле државата, додека пак секој трет млад човек во земјава смета дека токму корупцијата е главниот мотив за да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејствија. Само четири отсто од младите сметаат дека ваквата ситуација ги принудува да станат дел од синџирот на корупцијата.

Ова го покажува aнализата спроведена од страна на Јут Алајенс со која се опфатени повеќе од 440 млади од целата држава.

Искривување на правдата

По помалку од две недели од Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, судството предизвика вистински хаос, на што реагираше скоро целиот државен врв, и покрај ветувањето дека нема да се мешаат во нивните одлуки.

Неколку судии на Апелациониот суд „не ја разбрале“ првостепената пресуда за случајот „Tаргет – Тврдина“ за незаконското прислушување на над 20 илјади граѓани и донеле решение за поништување на пресудата и враќање на предметот за повторно судење. „Случајно“, во овој случај, осуден на 12 години затвор е поранешниот шеф на Тајната полиција, Сашо Мијалков, кој за време на режимот на Никола Груевски одлучуваше кој ќе стане судија.

Враќањето на повторно судење на предметот „Таргет-Тврдина“ отвора една реална можност Мијалков и останатите да се спасат од кривично гонење за масовното прислушување, за што и беше формирано Специјалното јавно обвинителство, бидејќи на почеток на 2025 година, односно за две години, овие дела застаруваат.

Архивска фотографија на Сашо Мијалков од 10 октомври 2019 година | Фото: Мета.мк

Уште поголеми се шансите Мијалков да се спаси од кривично гонење, имајќи предвид дека само за да се одобри првата пресуда беа потребни повеќе од три години, поради одолговлекување на судската постапка од страна на тимот на адвокати на Мијалков.

На само десетина дена пред скандалозната одлука за случајот со прислушувањата, судиите од Апелација ја поништија и првостепената одлука за предметот „Трезор“ за кој, случајно, Сашо Мијалков беше осуден на 8 години затвор.

Така, Мијалков, кој е осуден во два предмета на вкупно 20 години затвор, Апелација го исчисти за десет дена и вината ја префрлија кај нивните колеги од првостепениот суд со образложение дека „направиле суштинска повреда на одредбите на Законот за кривична постапка, со што се довело во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“.

Само 4-5 месеци пред овие два скандалозни случаја, Обвинителството постигна договор со Мијалков за еден друг случај, односно за предметот „Империја“, предмет отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство и кој беше причина за пропаѓањето на оваа обвинителство на чело со Катица Јанева поради „рекетот“. Сашо Мијалков постигна договор со наредното обвинителство, ја призна вината за перење на пари и ѝ даде на државата 36 милиони евра добиени преку криминални дејствија, со цел да добие намалување на казната.  Па, поради ова, судот го казни со 3 години затвор, кои тој треба да ги одлежи во Струшкиот затвор, откако ја промени адресата на живеење од Скопје во Струга,  поради тоа што затворот во Струга е од отворен тип и таму може да го посетуваат „елитите“, како што беше и случајот со Орце Камчев.

Како и неговиот пријател Мијалков, и Камчев „ја купи“ правдината со пари. За да се затвори неговиот случај „Империја“, Камчев даде 5,1 милиони евра и се согласи да одлежи една година затвор – кои всушност и не ги одлежа во целост затоа што беше ослободен 4 месеци порано.

Од вкупно 19 лица кои биле во предистражна постапка на „Империја“, Обвинитеството за организиран криминал и корупција на крај на месец декември поднесе обвинение само против Цветан Панделески, Зоран Митревки и Јованче Тасковски. Другите се договориле со Обвинителството.

Во меѓувреме, за случајот „Плацеви на Водно“, азилантот Никола Груевски е осуден на 7 години затвор, Сашо Мијалков на 1 година и 3 месеци, а Орце Камчев е осуден на 1 година затвор.

Обвинувања за избор на партиски личности

Несомнено годинава најголема врева крена изборот на обвинителот за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази од Кичево, кој во јавноста беше обвинет за блискост со функционери на ДУИ, за што беа објавени неколку фотографии. И американската амбасадорка во Скопје изјави дека е изненадена од процесот на неговиот избор, а Абази негираше каква било поврзаност со ДУИ.

Неговиот избор следуваше по случувањата меѓу обвинителката Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми. Русковска беше суспендирана поради упадот во Финансиската полиција, а Муареми  даде оставка еден ден по истекот на 6-месечниот мандат како вршител на должност.

Во меѓувреме, се избра претседателот на Вишото обвинителство во Скопје.  Обвинителите Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи, откако се кандидираа, се повлекоа од трката, па така остана само Мустафа Хајрулахи, кој четири години го водеше Вишото обвинителство.

Алијансата за Албанците и Левица го обвинија обвинителот Хајрулахи за блискост со функционерите на ДУИ поради водењето на случајот „Титаник 3“ каде што обвинети се Исмет Гури и Ејуп Халими од ДУИ. Меѓутоа, тој ги негира овие тврдења.

На почеток на оваа година, Гаврил Бубески беше именуван за Претседател на Јавното Обвинителство во Скопје.

Оваа година, Уставниот суд се соочил со недостаток на судии како последица на пензионирањето на наколку судии и неименувањето на нови поради блокадите од страна на опозицијата во Собрание.

На крај на месец ноември, Павлина Црвенковска даде оставка од местото Претседател на Судскиот совет и истакна дека „се надева оти идниот претседател ќе биде соодветен за ова судска бизнис елита“. Но, по нејзиното враќање во Судскиот совет како член, Црвенковска не кажа веќе ни збор за тоа која е таа судска бизнис елита.

Во месец декември, Наташа Габер – Демјановска беше реизбрана на местото на директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.

Пресуди во текот на 2022 година

По неколкугодишно судење, годинава  беше објавена првостепената пресуда и за случајот „ТНТ“, односно за демолирањето на станбениот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски. Поточно, поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на 9 години затвор, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски на 4 години, поранешниот министер за транспорт и врски на 3 години, а Елизабета Најдовска на 4 години затвор. Обвинетите мора да му вратат на Цаноски и над 11 милиони евра.

Во текот на оваа година беше објавена пресудата и за случајот со изградбата на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ без дозвола. За овој случај, Груевски е осуден на 6 години затвор, додека пак тогашниот партиски секретар Кирил Божиновски е осуден на условна затворска казна.

Во меѓувреме беше објавена и одлуката за случајот „Топлик“ со која првостепениот суд го осуди поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески на 3 и пол години затвор.

Јанакиески беше осуден на четири и пол години затвор и за случајот „Титаник”, за кој Гордана Јанкулоска беше осудена на две и пол години затвор. Во меѓувреме, во случајот „Дизајн“ за кинеските автобуси, Jaнакиевски доби условна затворска казна.

Кривичниот суд годинава ги осуди на 52 години затвор тројцата обвинети за убиството на ракометарот Денис Тот.

Чекајќи ја правдата во затвор за случајот „Алфа“, оваа година почина Реџаил Ќерими, осуден на доживотен затвор за убиство на полицаецот од Единицата „Алфа“ во 2008 година.  Граѓаните на Скопје одржаа протестен марш на кој дел од нив изјавија дека смртта на Ќерим во затворот е сомнителна и побараа „меѓународна истрага за сите монтирани случаи”.

Апелациониот суд годинава ги одби жалбите на обвинетите во случајот „Монструм“,  а Врховниот суд ги одби жалбите на обвинетите во случајот „Куманово“.

Основачот на групата „Јавна соба“, каде што без дозвола се дистрибуираа порнографски материјали на жени од Северна Македонија, е осуден на 4 години затворска казна, а истовремено е осуден и администраторот Михаил Паневски.

Незавршени процеси

Иако поминаа 3 години, судството сè уште не го завршило судењето за трагичниот случај Ласкарци во кој животот го загубија 16 лица.

Започнат е судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година во кој животот го загубија 14 лица, но истиот постојано се одлага.

Започнат е и судскиот процес за „Беса Транс“, aвтобусот кој се судри и изгоре на автопат во Бугарија при што загинаа 45 лица. Сопственикот е обвинет дека ја фалсификувал лиценцата на автобусот, а судењето започна сега, дури една година по несреќата. Во меѓувреме бугарското Обвинителство ја заврши истрагата за трагичната несреќа и според нив, заклучокот е дека шоферот изгубил контрола врз автобусот.

Во 2022 година, Обвинителството покрена обвинение против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова и две други лица , за кои постои сомнение дека злоупотребиле 320.000 евра европски пари.

По Драги Рашковски кој продолжува да седи на обвинителската клупа за злоупотреба на службената должност секретар на Владата, и последователниот владин секретар Mухамед Зекири даде оставка од позицијата секретар на Влада откако обвинителството покрена истражна постапка, а потоа и обвинение за злоупотреба на службената должност.

Истражувачките новинари на ИРЛ го објавија документарецот „Нечиста крв“ во кој се тврди дека Клиниката „Жан Митрев“ извршила нелегален експеримент со пациентите и дека ги „соголила“ финансиски граѓаните. Поради ова,  Обвинителството покрена истражна постапка.

Финансиската полиција поднела кривично обвинение против седум лица за продажбата на парцелите на ЕВН во Делчево за изградба на фотоволтаични централи. Седумте обвинети, двајца реководители во ЕВН, се роднини и пријатели. Истите, земјиштето во вредност од 35.000 евра на ЕВН му го продале за 1.6 милиони евра.

Инаку, ако се следат критиките на Извештајот на Европската Комисија во годишниот извештај за 2022 година, каде што е истакнато дека буџетот за судството е недоволен и дека тоа ја загрозува и неговата самостојност, тогаш може да се очекува и зголемување на буџетот. Тие истотака им наложиле на властите во државата да преземат мерки за подобрување на состојбата со човечките ресурси во судството.

Во текот на следната година властите треба да преземат мерки и за ефикасноста на судството, што е директно поврзано со спроведувањето на Законот за Судскиот Совет на Република Северна Македонија. „Ветингот“ или верификацијата на судството е едно од „решенијата“ за негово чистење, со години наназад спомнувано од чинителите во земјава, но во пракса сè уште нема никаква конкретна заложба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...