Скринингот на учениците со нереални бројки: Досега од 800 тестирани само осум позитивни

Фото: Annie Spratt on Unsplash

Од 800 тестирани ученици, само 8 се позитивни на ковид-19, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ. Според него, скринингот во основните училишта сè уште не е целосно завршен, а се очекува да бидат тестирани до 2.000 ученици.

Но, разочарувачки факт е што од десетици илјади ученици, согласност за тестирање дале само околу 5.000 родители. Оттука, се става под знак прашалник релевантноста на целиот скрининг.

Има и нови предлог-мерки кои ги дале членовите на Комисијата, а кои се доставени до министерот за здравство, а кои треба да се проследат до Генералниот координативен кризен штаб и до Владата.

„Првата мерка се однесува на укинувањето на задолжителното поседување на негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата. Тука би сакал да дообјаснам, тоа не значи дека во земјите каде што ќе биде потребно да поседуваaт ПЦР тест или ковид сертификат дека се вакцинирани или прележани, дека таму нема да се бара, туку напротив, дека при излез од земјава, онаа мерка што беше воведена во текот на минатата година дека треба да поседувате и да ги покажете на нашите гранични органи, таквата мерка се укинува“, информира Мехмедовиќ.

Се предлага и да се укине ослободувањето од работа за бремените жени, согласно, како што рече, препораки од релевантни институции и од примери во светот во кои силно се препорачува тие што планираат бременост, се бремени или дојат да се вакцинираат и да го заштитат своето здравје.

Мехмедовиќ рече и дека е намален бројот на нови случаи на Ковид-19, како и дека е намалена смртноста од вирусот.