Итно да се набават сензори за мерење гликемија за децата со дијабетес, бара асоцијацијата Баланс МК

Фото: TesaPhotography, pixabay

Асоцијацијата за детски дијабетес во Македонија денеска испрати барање за средба со надлежните во Министерството за здравство, на која ќе побараат во најитен можен рок да се набават сензори за континуирано и безболно следење на гликозата за сите деца во државата со дијабетес тип 1, кои се зависни од инсулин. Како што е наведеново барањето, петта година по ред оваа јавна набавка е најавувана, но не е реализирана, иако е неопходност за овие деца.

„Во последните 15 години, третманот на лицата со дијабетес драстично се измени, се подобри. И не само во светски, туку и во рамките на нашето најблиско соседство – земјите како Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска а следејќи ги препоракитена СЗО, им обезбедија на своите граѓани, пациенти со дијабетес (не само со тип 1 туку и со тип 2 на инсулинска терапија), системи базирани на континуирано мониторирање на гликозата (continuous glucose monitoring system–CGMs)“, пишува во соопштението.

Овие сензори се неопходност и од нив зависи квалитетот на живот на децата, а превенираат и компликации кои несомнено дијабетесот ги носи со себе.

„Станува збор за нормален раст и развој на нашите деца. Затоа изрично бараме средба со одговорните како и итна јавна тендерска постапка за набавка на сензорите“, наведено е во соопштението.

Во моментов, во Република Северна Македонија има околу 600 деца со дијабетес тип 1 (инсулин зависни), меѓу кои повеќето се деца под десетгодишна возраст. Секое од нив поедничено во просек годишно мора да биде околу 3.500 пати боцнато во прстињата за да се измери нивото на шеќер (глукоза) во крвта што е основа во третманот за самоконтрола кај дијабетесот. Таа бројка, пак, заедно со просечната од 1.500 инјектирања со инсулин годишно (за да може нормално да живее детето) изнесува околу 5.000. Бројката на деца со дијабетес во Македонија, како што велат во Баланс МК, за жал, расте од година во година.

Во државата има лица кои ги користат овие сензори, а ги обезбедуваат приватно и од странство, бидејќи кај нас не се продаваат.

„Дијабетес кај дете значи многу непроспани ноќи за родителите и децата. 51 отсто од децата со дијабетес страдаат од нарушување на спиењето поради ноќни мерења на гликемии и инјектирање на инсулин, а 63 отсто од децата имаат барем една епизода на тешка хипогликемија за време на спиењето“, потенцираат во Баланс МК.

Затоа, со системите за континуирано мониторирање на гликемија, родителите можат да ја мерат ноќната гликемија на децата без да мораат да ги разбудат, дополнително овие системи имаат аларми кои сигнализираат и превенираат акутни состојби кај дијабетесот хипогликемија и хипергликемија.

Најновите студии спроведени на контролни групи – корисници на CGMs покажале дека корисниците поминуваат околу 40 отсто помалку време во хипогликемија од оние кои мерат гликемија од капиларна крв, со боцкање на прстите. Оние корисници кои имале највисока честота на мониторирање постигнале просечен гликозилиран хемоглобин (HbA1c) од 6.7 отсто. Добрата контрола на гликемијата, значително ги намалува ризиците од развивање на долгорочни здравстени компликации.

Мета.мк пред неколку месеци пишуваше за Миа Чичкариќ, средношколката со јувенилен дијабетес тип 1. По објавата, поранешниот министер Венко Филипче ја повика во неговиот кабинет и ѝ вети дека ќе бидат набавени вакви сензори. Сепак, до денеска државата не ги обезеди овие системи кои треба да им го подобрат квалитетот на живот на лицата со дијабетес тип 1. Подоцна, кога во министерската фотелја седна Беким Сали, постапката за набавка на системи за следење на гликоза во крвта, беше поништена. За Мета, во министерството рекоа дека процесот е поништен откако стручна комисија извршила евалуација и констатирала дека ниту една од понудите не била прифатлива.

Оттогаш, Министерството за здравство не започна нова постапка за набавка на сензори.