fbpx

Заврши „Научно-уметничката визита 2015“

-

Со промоцијата на трите тома од делото „Summa aestheticae“ („Сумма аестхетицае“) на академик Георги Старделов, и ликовна изложба на академик Глигор Чемерски, синоќа, заврши годинешната “Научно – уметничката визита 2015“, во организација на МАНУ.

Промотори на делото на Старделов, беа д-р Ферид Мухиќ и проф. д-р Иван Џепароски, додека пригодна реч имаше претседателот на МАНУ, Владо Камбовски.

– Денеска одбележуваме еден исклучително значаен јубилеј, 85 години од раѓањето на академик Старделов. Му посакувам уште многу години живот и да успее во неговата намера да го доврши започнатото дело, односно да го објави и четвртиот том посветен на охридската естетика од неговите три тома естетички студии на јужнословенската, балканската и европската естетика- рече Камбовски.

Пред присутните се обрати и академик Старделов, научник со огромен придонес за македонската филозофија, наука и култура и богат научен опус до бројни поетски антологии, 20 тина филозофски книги, бројни беседи, рецензии, критики и голем број интервјуа за важни општествени прашања.

– Воопшто не ми беше лесен целиот процес на истражување и пишување. Во тие години од својот живот поминав низ бројни драматични моменти, но сепак го завршив тоа што го почнав и тоа ме прави особено среќен. Во себе чувам уште многу идеи кои ако Бог даде да поживеам ќе успеам да ги реализирам, затоа што моите книги се во мене, постојано размислувам за нив, а пишувањето е само некаква техника на обликување – рече академик Старделов.

По промоцијата на трите тома од студијата „Summa aestheticae“ беше отворена изложбата на академик Глигор Чемерски насловена „Tempi non passati“, или „Времиња кои не изминале, не се изгубиле“.

За најновиот творечки опус на Чемерскиод трисесетина слики, се осврна академик Влада Урошевиќ.

– Во нив Чемерски се навраќа кон некои свои неодамнешни инспирации, како што е споменот од младоста, затворајќи ги на тој начин еден од круговите на својот голем и богат опус. На тој начин, како што е и самиот наслов на изложбата, постојат времиња кои не се изминати ниту изгубени и кажано на еден прустовски начин, минатото ги вложило своите скапоцени мигови во споменот кој поткрепен низ оствареното дело , останува да трае победувајќи ја минливоста – потенцираше академик Урошевиќ.

Самиот Чемерски се заблагодари за ,како што рече, прекрасната прилика неговите дела да го збогатат амбиентот во чест на јубилејот од раѓањето на неговиот колега, Старделов.

– Јас се уште сликам и изложувам заради неодложноста и неизбежноста на уметноста. Имено, моето сликарство знае повеќе за мене отколку што јас самиот знам за себе – рече Чемерски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(ИНФОГРАФИК) Првата жена претседател на Северна Македонија има трет најдобар изборен резултат во поновата историја

Гордана Сиљановска Давкова со самиот факт дека е прва жена претседател на Северна Македонија веќе влезе во историјата на државата на пиедестална позиција, пишува Вистиномер. Текстот подолу го пренесуваме во...