fbpx

Затворањето на банките ја ослабнува поддршката за референдумот

-

Сите погледи во Грција денеска се завртени кон состанокот на Еврогрупата за новиот грчки предлог за договор. Состанокот кој требаше да се одржи напладне е одложен за 18.30 попладнево.

Затворањето на банките и воведувањето трансакциски лимит го намалува бројот на Грците кои ќе гласаат против пакетот мерки, а во поддршка на одлуката на владата. Ова го покажуваат бројките од првата анкета меѓу граѓаните, спроведена по затворањето на банките и по прогласувањето референдум, објавена во весникот „Весник на новинарите“.

Според анкетата, пред затворањето на банките, 57 отсто од испитаниците се изјасниле дека би гласале против пакетот на кредиторите, додека, пак, по воведувањето на кредитниот лимит и ставање клуч на банките, таа бројка е падната на 46 отсто. Напротив, бројот на тие што би го поддржале европскиот предлог се зголеми по затворањето на банките. Претходно предлогот на кредиторите го поддржувале 30 отсто, а по затворањето – тој дел од граѓаните достигна 37 отсто.

Иако засега мнозинството од народот останува на страна на грчката влада го поддржува апелот да се гласа против предлозите на европските кредитори за Грција да може да настапи со посилни позиции за договор со подобри услови, неизвесно е како ќе се менуваат и дали ќе се менуваат бројките и по новата ситуација, во која Грција станува прекумерено задолжена во ММФ, а без никаква европска и меѓународна финансиска помош и поддршка, со што не е во можност да ги регулира своите долгови.

Државата и денеска се разбуди со огромни редици пред банкоматите, особено од пензионерите, кои доколку немаат картички, денеска првпат ќе може со штедни книшки да подигнат само 120 евра неделава од нивните пензии. Грчкиот народ е поделен по прашањето за поддршка на референдумот.

Бројките покажуваат дека 50 отсто од испитаниците ја одобруваат и поддржуваат одлуката на премиерот Алексис Ципрас за распишување референдум. Поделбата се гледа и практично во општеството, преку масовните протести и контрапротести во Атина, каде граѓаните или масовно бараат договор за поголемо достоинство или, пак, бараат владата да ја осигури европската иднина на државата. Ваков феномен на протести и на контрапротести е преседан за Грција, каде разделеноста на народот и јазот во ставовите се гледа посилно од кога било. Јавните личности и политичарите отворено повикуваат народот да гласа „за“ или „против“. Пример се солунскиот и атинскиот градоначалник, Јанис Бутарис и Јоргос Каминис, кои отворено побараа народот да гласа за пакетот мерки од европска страна за Грција да избегне нови перипетии.

Политичките напади меѓу владата и опозицијата одат до страшни крајности. Опозициската Нова демократија, во обид да поентира и да убеди повеќе граѓани да гласаат за европскиот договор, ја става СИРИЗА на исто рамниште како соработник на Златна зора, која официјално се изјасни дека ќе гласа „не“ на референдумот и гласаше позитивно во собранието за да биде одобрена одлуката за референдум.

Според информациите на грчките медиуми, јаз почнува да се создава и во внатрешноста на владата, со апели од пратеници и од европратеници на СИРИЗА да се постигне нов договор и, евентуално, владата да го повлече референдумот. Тројца пратеници, Јанис Панусис, Јоргос Статакис и Никос Параскевопулос, според „Прото тема“, се имаат изјаснето против референдум.

Вчера водите ги разбранува и вицепремиерот Јанис Драгасакис, кој истакна дека постои можност да се повлече референдумот, за потоа да ја демантира сопствената изјава. Индиректен апел да се повлече одлуката за референдумот и да се прифати договор со европските партнери упатуваат и европратениците Стелиос Кулоглу, Костас Хрисогонос и Димитрис Пападимулис.

„Владиниот предлог за договор без ММФ и решение за долгот ги менува работите. Сега треба да преовлада „да“ за предлогот и внатре и надвор“, напиша Пападимулис на „Твитер“, говорејќи за новиот предлог на владата од вчера, што во Грција беше протолкувано како апел за гласање позитивно на референдумот, наспроти повикот на Ципрас да се гласа против.

Наспроти неколкуте гласови кои бараат да се стави крај на паниката и на неизвесноста која владее, екстремното левичарко крило на СИРИЗА, предводено од министерот за енергија Панајотис Лафазанис, и понатаму силно ја поддржува идејата за референдум, а на иста бранова должина е и претседателката на собранието, Зои Константопулу.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...