„Кревањето ѕидови и огради не е решение ниту за бегалскиот проблем ниту за кој било друг. На Европа и на Балканот им е потребна поголема соработка и заедничка развојна стратегија за подобро справување со бегалската криза“, порача генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниери, од Атина, говорејќи за безбедносните предизвици од бегалската криза на конференцијата „Миграција, бегалци и европска безбедност“, организирана од организацијата „Елиамеп“.

Соработката според Заниери е единствениот начин да се осигура безбедноста на секоја држава и на Европа во целост и да се сузбијат криминални трендови од кризата, како трговијата со луѓе и организираниот криминал.
– Организираниот криминал, шверцот со луѓе, стануваат многу лукративен бизнис и ние мора да ги зголемиме напорите да одговориме и да се бориме против овие нови криминални активности кои се некогаш поврзани со терористички агенди. Треба да ги разгледаме одново нашите алатки, да ја зајакнеме соработката меѓу разузнавачките служби, да развиеме нови партнерства и надвор од Европа – вели Заниери.

Шефицата на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен, која, исто така, говореше на конференцијата, рече дека проблемот со нелегалниот шверц на луѓе последниве недели одново се интензивира и во Македонија.
– Речиси секојдневни се полициските извештаи за откриени нелегални бегалци по коридорот 10 – посочи Суомалаинен.

Таа истакна дека мисијата работи со полицијата за сузбивање на овој проблем.
– Шверцерските мрежи стануваат многу активни, секогаш има луѓе кои мислат дека ова е можност да заработат пари. Сега на речиси дневна основа се запираат автомобили, комбиња или автобуси некаде во нашата земја-домаќин, со околу 50-60 илегално влезени бегалци. Работиме со полицијата за ова, ОБСЕ има долгорочен мандат да ги поддржи властите за справување со овој предизвик – посочи амбасадорката Суомалаинен.

Како што истакна таа, ОБСЕ врши надзор на граничните зони, помага на полицијата за откривање на фалсификувани документи и соодветен третман и почитување на правата на барателите за азил. Во насока на зајакнување на граничната контрола, ОБСЕ ги поддржува заедничките контактни центри за размена на информации меѓу Македонија, Албанија, Бугарија, Србија и Косово, концепт кој не е развиен и со Грција.

Заниери апелираше државите во ЕУ и на Балканот да се активираат за креирање нова заедничка стратегија за справување со овој проблем и за адаптирање на општествата на него, бидејќи кревањето ѕидови и поларизацијата на општествата поради миграцискиот проблем само создава нов раздор во ЕУ.
– Миграциското прашање е нова линија на раздор во Европа и важно е да се консолидираме за да се избегне ова, бидејќи сериозно ќе му наштети на нашиот европски проект. Мора да ја истакнам потребата да се градат мостови, а не ѕидови за да се заштити нашиот заеднички просперитет и заедничка безбедност – додаде Заниери.

Со ова се согласи и грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Никос Ксидакис, прогнозирајќи дека бегалската криза уште долго време ќе биде предизвик за Европа.
– Ова е тежок пат, тежок тест. Досега грчкото општество и држава успеваат да се справат без големи загуби, меѓутоа знаеме дека бегалската криза и мигрантските бранови ќе траат долго, не се само привремен феномен. Нашиот регион и поширокиот медитерански регион ќе биде одново на тест во иднина – истакна Ксидакис.